На 25.11.2025 година во општина Свети Николе ја одржавме втората едукативна работилница посветена на унапредување на здравјето на мајките и децата, со фокус на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 17 жени, меѓу кои  трудници и мајки кои се породиле во последните шест месеци.

Во рамки на едукацијата, учесничките се информираа за значењето на грижата за сопственото здравје за време на бременоста, очекуваните телесни и психолошки промени, како и за можните ризици и здравствени состојби кои може да се појават во овој период. Посебно внимание беше посветено и на периодот по породувањето, при што беа опфатени нормалните појави, но и симптомите кои укажуваат на потреба од дополнителна здравствена поддршка.

Дел од работилницата беше наменет за грижата, развојот и раната стимулација на бебињата и малите деца од 0 до 3 години. Жените добија практични насоки за препознавање на развојните потреби на децата и за создавање поддржувачка средина за нивен здрав раст и развој.

Во сегментот посветен на мајчиното ментално здравје, беа разгледани најчестите предизвици со кои се соочуваат жените по породувањето. Учесничките имаа можност активно да учествуваат и да практикуваат техники за релаксација и справување со стресот.

На работилницата им се обрати Кетоф Ирене, претставничка на Амбасадата на Франција во Скопје, која ја истакна важноста на ваквите едукативни активности за поддршка на жените и семејствата во заедницата.

Оваа работилница е втора од вкупно десет планирани едукации кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Соработка во областа на здравството со Северна Македонија“, финансиски поддржан од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.