• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4, 1000 Скопје

Фискална транспарентност и отчетност

Транспарентноста – отвореноста во постапката на планирање, креирање и имплементација на државните политики, а особено транспарентноста во однос на планирање и спроведување на јавните финансии, е клучен елемент за добро владеење. Буџетот претставува еден од најважните документи, односно тој претставува спој на сите актуелни владини политики што се остваруваат со негова реализација. Фискалната транспарентност се дефинира како навремено и систематско обелоденување на сите релевантни фискални информации.

ЕСЕ верува дека транспарентноста не се стекнува, туку се создава. Една држава ќе постигне високо ниво на демократско владеење тогаш кога вистински ќе ја оствари транзицијата од конзервативна кон отворена власт при што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со податоците во однос на тоа што прави државата со парите што тие ги инвестираат во неа. На тој начин граѓаните ќе бидат информирани како работат и што всушност работат нивните политички избраници и ќе можат да ги разберат одлуките што ги донесуваат, ќе можат да влијаат при нивното донесување, ќе учествуваат во нивното креирање и особено ќе стекнат доверба во власта и ќе имаат чувство дека се рамноправни членови на општеството во кое живеат.

Tранспарентностa и отчетностa треба да претставуваат одлика на секоја демократска држава. Нискиот степен на транспарентност и отчетност на државните институции ги поттикнува граѓанските организации, меѓународните институции, експертите и останатите да преземат активности и да иницираат измени во досегашните пракси на работење на државните институции. Во таа насока, како резултат на сè поголемата затвореност и сè пониската транспарентност во работењето на државните институции во Република Македонија, ЕСЕ користи различни методи и техники за оценување на моменталните состојби и трендови во Република Македонија и презема низа активности за зголемување и промовирање на принципите за фискална транспарентност и практикување на правото на информираност и партиципација во работењето на јавните институции и влијае на нивното почитување.

Сето ова го правиме преку оценување на степенот на почитување на широкоприфатените принципи на транспарентно работење и објавување документи што се создаваат при спроведување на основните фискални политики; го поттикнуваме транспарентното работење на државните институции преку редовно практикување на механизмот за пристап до информации од јавен карактер; ги следиме активностите што ги преземаат другите држави во насока на зголемување на нивната транспарентност во фискалното работење; го следиме развојот на политиката на Република Македонија за транспарентност во работењето и го оценуваме степенот на исполнување на преземените обврски за транспарентност во работењето; ја информираме јавноста за состојбите од оваа област во нашата земја и нивните права од овој домен; го оценуваме степенот на учество на граѓаните во работењето на јавните институции и ги поттикнуваме самостојно да бараат вклучување и да иницираат промени во досегашното работење на јавните институции; дел сме од меѓународните движења за унапредување на транспарентноста и отчетноста во процесите кои ги водат Владите и зголемување на обемот на информации за нивното работење на јавноста; континуирано ги градиме нашите капацитети и капацитетите на другите граѓански организации.

Особено внимание посветуваме на транспарентното работење на институциите од здравствениот систем на Република Македонија и сите други институции што на различен начин се вклучени во работењето на здравствените институции. Посветуваме внимание и на учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки и на буџетските процеси на локално ниво.