Во периодот 23-24ти декември 2025 година Здружение ЕСЕ во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) организираше обука за  полициски службеници за подобрување на нивните капацитети за работа во случаите на родово базирано и семејно насилство. Обуката се организираше во рамките на проектот „Зајакнување на пристапот до правда за жените што претрпеле семејно насилство“ кој Здружение ЕСЕ го спроведува со финансиска поддршка на фондацијата Квина Тил Квина од Шведска. Станува збор за втора обука за иста група на полициски службеници кои беа номинирани од страна на МВР во 2024 година, односно по еден полициски инспектор и двајца униформирани полициски службеници од Секторите за внатрешни работи од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Струмица, Тетово, Битола и Охрид. Обуката беше испорачана од страна на практичари кои имаат богато искуство во постапување и градењето на системот за заштита од семејно насилство: Катина Павловска, клинички психолог во Советувалиште за жртви на семејно насилство во ЕСЕ, Цена Чаловска, поранешен полициски советник во МВР и Габриела Гајдова, судија во Апелационен суд Скопје.

Во однос на содржината, со обуката беа опфатени следните компоненти:

  • Препознавање на различните форми на семејно насилство, природа и карактеристики,
  • Законски надлежности на полиција во рамките на граѓанско-правниот систем на заштита;
  • Улогата на полицијата во кривичната постапка за делата за родово базирано и семејно насилство.