Здравствениот систем во Северна Македонија со години се соочува со сериозни предизвици поврзани со коруптивни практики, кои го намалуваат квалитетот и пристапноста на здравствените услуги. Истражувањата укажуваат дека граѓаните, а особено жените од маргинализираните заедници, често се изложени на директни или индиректни барања за неформални плаќања, непотизам и дискриминација при пристапот до здравствена заштита. Овие појави не само што ја поткопуваат довербата во институциите, туку создаваат дополнителни бариери за еднаков пристап до основното човеково право – здравје.

Корупцијата во здравството има и изразена родова димензија. Жените, особено оние кои живеат во сиромаштија, во рурални средини или кои припаѓаат на ромската заедница, се соочуваат со двојна нерамноправност: од една страна поради нивниот економски, социјален, етнички или расен статус, а од друга поради родовите стереотипи и дискриминаторските практики во институциите. Непостоењето ефикасни и доверливи механизми за пријавување дополнително ја засилува нивната ранливост и создава чувство на беспомошност.

Постоечките механизми за пријавување корупција се недоволно функционални, со ограничена транспарентност и слаб капацитет за постапување. Институциите ретко обезбедуваат јасни информации и поддршка за граѓаните, а здравствените работници немаат соодветна обука за етичко постапување и справување со случаи на корупција. Истовремено, јавната дебата за оваа тема останува ограничена, а медиумите често известуваат на начин кој не ги препознава родовите аспекти и штетните последици за ранливите групи.

Проектот „Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ е дизајниран да одговори токму на овие проблеми. Тој има за цел да ја зголеми отчетноста и транспарентноста во здравствениот систем преку зајакнување на жените и граѓаните да пријавуваат корупција, јакнење на капацитетите на здравствените работници за препознавање и превенција на коруптивни практики и зајакнување на институционалните механизми за постапување. Преку едукативни активности, јавни кампањи и застапувачки иницијативи, проектот ќе придонесе кон создавање систем во кој граѓаните ќе имаат доверба дека нивниот глас е слушнат, а нивните права се заштитени. Проектот е поддржан од Француската Развојна Агенција – Expertise France.

 

1.1. Ангажман и работни задачи на експертот

Експертот ќе биде ангажиран за развој и спроведување на медиумски мониторинг, организирање обуки и прес-брифинзи за новинари, како и за креирање и имплементација на национална мултимедијална кампања насочена кон подигање на јавната свест за корупцијата во здравството.

Експертот ќе биде задолжен за:

  • Медиумски мониторинг и анализа
  • Спроведување медиумски мониторинг за известување за корупција во здравството (последни 3 години), со акцент на родова сензитивност.
  • Подготовка на извештај со клучни наоди и препораки.
  • Обуки за новинари
  • Развој на програма и материјали за обука (5 модули: корупција во здравство, етичко новинарство, родот и корупцијата, истражувачки алатки, ефективни стории).
  • Организација и одржување на 6 дводневни обуки за вкупно 90 новинари од шест региони (минимум 50% жени).
  • Подготовка на кратки извештаи за спроведените обуки.
  • Прес-брифинзи
  • Организација и фасилитирање на 6 прес-брифинзи со учество на новинари, проектен тим и институции.
  • Подготовка на кратки извештаи од прес-брифинзите.
  • Национална медиумска кампања
  • Развој на сеопфатен план за кампања (стратегија, пораки, целни групи и канали).
  • Координација на продукција и дистрибуција на минимум 16 соопштенија за медиуми и ПР текстови, 60 содржини за социјални медиуми и 18 сценарија за видеа (6 со актери, 8 сведоштва од здравствени работници, 4 сведоштва од жени погодени од корупција).
  • Развој на концепти и содржина за радио кампања и визуелни материјали (инфографици и постери).
  • Координација и осмислување на организација и реализација на настан за креативен активизам.
  • Спроведување на кампања на социјални медиуми
  • Континуирано следење на вклученоста на јавноста и адаптација на содржините и подготовка на извештаи за резултатите и опфатот на кампањата.

1.2. Очекувани продукти

  • Извештај од медиумски мониторинг со родова анализа.
  • Програма и материјали за 6 обуки за новинари.
  • Спроведени 6 обуки со вкупно 90 новинари (со родов баланс).
  • Организирани 6 прес-брифинзи со медиумско покривање.
  • Сеопфатен план за национална медиумска кампања.
  • Подготвени минимум 16 соопштенија, и 60 содржини за социјални медиуми.
  • Развиени сценарија за радио реклами и концепти за визуелни материјали (инфографици и постери).
  • Осмислување и координација на настан за креативен активизам.
  • Кратки извештаи за резултатите и ефективноста на активностите.

1.3. Квалификации на експертот

  • Завршено високо образование по новинарство, комуникации, односи со јавност или сродна област.
  • Минимум 10 години работно искуство како новинар или специјалист за односи со јавност
  • Докажано искуство во развој и спроведување на кампањи за подигнување на јавна свест.
  • Предност ќе имаат кандидати со искуство во односи со јавност и соработка со медиуми.
  • Искуство во подготовка на материјали и обуки за новинари.
  • Одлични комуникациски и презентациски вештини.
  • Работно познавање на англиски јазик.

1.4. Буџет и времетраење

За овој ангажман е предвиден вкупен буџет во износ од 14.810 евра (бруто износ), односно:

  • Хонорар за медиумски мониторинг во износ од 2.700 евра
  • Хонорар за спроведување на шест обуки за новинари во износ од 810 евра
  • Хонорар за подготовка и спроведување на проектна стратегиска комуникација за 18 месеци во износ од 8.100 евра
  • Хонорар за осмислување и координација на еден настан за креативен активизам во износ од 500 евра.
  • Хонорар за осмислување и спроведување на кампања на социјални медиуми, вклучувајќи платена промоција на најмалку 60 постови/објави на социјални медиуми во износ од 2.700 евра.

Ангажманот е предвидено да трае 18 месеци, почнувајќи од септември        2025 година.

1.5. Потребна документација за аплицирање

Заинтересираните кандидати треба да достават:

  • Кратко мотивациско писмо (до 1 страница).
  • Биографија (CV) со образовни и професионални искуства.
  • Листа на изработени кампањи за подигнување на јавната свест (со краток опис и година на изработка).

Потребната документација да се достави по електронска пошта на адресата esem@esem.org.mk, со назнака: „Повик за ангажман на експерт за проектот Посилен систем за поправедна здравствена заштита: Намалување на корупцијата“ најдоцна до 15 септември, 2025 година.

Повик за ангажман на експерт за стратегиски комуникации и медиумски кампањи