• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4 1000, Скопје, Република Македонија

Програми за превентивна здравствена заштита

Министерството за здравство подготвува и спроведува владини програми кои се однесуваат на специфични превентивни мерки, како и на мерки за лекување на одредени заболувања. Во овие програми се предвидени низа здравствени услуги од областа на превентивната и куративната здравствена заштита и се бесплатни за населението.

Во текот на 2013 година се усвоени вкупно 19 програми што се однесуваат на превентивни и куративни мерки и активности. Значењето на овие програми се состои во тоа што во нив се предвидени конкретни мерки и активности за превенција и унапредување на здравјето на населението, како и мерки за лекување на одредени заболувања и состојби од јавниот здравствен интерес. Воедно, во овие програми се предвидени мерки и активности со кои се опфатени ранливите групи од населението, како што се Ромите, лицата коишто живеат со ХИВ/СИДА, корисниците на дроги, лицата со ментални заболувања и слично. Особено е важно што преку овие програми се обезбедуваат финансиски средства за спроведување на конкретни мерки, активности и специфични здравствени услуги кои се бесплатни за крајните корисници, односно за населението.

Програмите можете да ги преземете од следната веб-страница: www.healthrights.mk

ПРОГРАМА ЗА АКТИВНА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА МАЈКИТЕ И ДЕЦАТА

Во оваа програма се предвидени низа превентивни мерки и активности кои се насочени кон унапредување на здравјето на жените за време на бременоста и во периодот по породувањето, како и мерки и активности за унапредување на здравјето на новороденчињата, доенчињата и малите деца. Од особена важност е што во оваа програма се предвидуваат конкретни мерки и активности за зголемен опфат на Ромите со превентивните здравствени услуги. Сите услуги предвидени во програмата се бесплатни за корисниците.

ПРОГРАМА ЗА РАНА ДЕТЕКЦИЈА НА МАЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА

Во оваа програма се предвидени низа превентивни здравствени услуги кои овозможуваат рано откривање на малигните заболувања. При тоа со програмата се опфатени двете најчести малигни заболувања кај женската популација и тоа карциномот на дојката и карциномот на грлото на матката. Воедно е опфатено и едно од почестите малигни заболувања кај мажите, а тоа е колоректалниот карцином. Во оваа програма, исто така, се предвидени мерки за организиран скрининг, што е од големо значење за навремено откривање и лекување на овие заболувања, со кои ќе се унапреди здравјето и квалитетот на животот кај жените и мажите. Со оваа програма се опфаќаат најризичните групи од населението и сите предвидени здравствени услуги се бесплатни за корисниците.

ПРОГРАМА ЗА СИСТЕМАТСКИ ПРЕГЛЕДИ НА УЧЕНИЦИ И СТУДЕНТИ

Во оваа програма се предвидени низа на мерки за организиран скрининг на здравствената состојба на децата на училишна возраст и студентите кои треба да бидат спроведени од службите за превентивна здравствена заштита од јавните здравствени установи. Покрај мерките за организиран скрининг, со Програмата е предвидена и едукација на учениците и студентите, родителите и наставничкиот кадар. Програмата за систематски прегледи на ученици и студенти игра важна улога заради тоа што меѓу другите активности предвидува мерки за опфаќање на децата на училишна возраст кои се надвор од образовниот систем со услуги за превентивна здравствена заштита.