• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4, 1000 Скопје

Што работиме 2023

Конференција „Партнерство за отворена власт – дијалог за Националниот акциски план 2024-2026“

Здружението ЕСЕ како ко-претседавач со Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година и носител на процесот на консултации за креирање на мерки кои треба да доведат до унапредување на пристапот до правда и унапредување на граѓанското учество во процесите на донесување на одлуки, на 25 декември, 2023 година учествуваше на завршната конференцијата „Партнерство за отворена власт – дијалог за Националниот акциски план  2024-2026“ на кој ги презентираше мерките кои беа развиени во рамки на овие две области во соработка со јавните институции и други граѓански организации.

Повеќе информации за конференцијата можете да добиете на следниот линк: https://ovp.gov.mk/азир-алиу-република-северна-македони/


Вебинар „Пристап до правда преку стратешко застапување”

На 20 декември, 2023 година Здружението ЕСЕ организираше вебинар на тема “Пристап до правда преку стратешко застапување”. Вебинарот се реализираше во рамки на редовните активности на COPASAH Europe мрежата и беше наменет за членовите на оваа мрежа.

На вебинатор зборуваа Дарко Антиќ од ЕСЕ, Томас де Јонг од EPHA, и Еуген Гита од RomaJust. Дарко даде осврт на целите и работата на COPASAH Europe, Томас зборуваше за примената на стратешкото застапување во насока на унапредување на пристапот до правда за маргинализираните заедници и начинот на кој може да се спроведува стратешкото застапување на ниво на Европа, и Еуген зборуваше за начинот на кој организацијата спровела стратешко застапување во случајот „Barbulesti” како и предизвиците во спроведувањето.

Вебинарот беше проследен од 18 претставници на граѓански организации од Европа, членки на COPASAH Europe мрежата.

Вебинарот можете да го проследите на следниот линк: COPASAH Europe – Webinar – Access to Health through Strategic Litigation (youtube.com)


Одржана осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

На 19 декември, 2023 година ЕСЕ учествуваше на осмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата активно учество земаа 9 членови и 2 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации).

По усвојувањето на предлог-дневниот ред, беше презентиран Нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година. Координаторите на работните групи Герман Филков, Дарко Антиќ и Марија Саздевски пред членовите на Советот за ПОВ ги преставија нацрт заложбите подготвени во процесот на ко-креирање. Во оваа фаза на подготовка на акцискиот план беа подготвени вкупно 18 заложби кои се однесуваат на партиципативно донесување на одлуки и граѓанско учество, борбата против корупцијата, правното зајакнување и пристапот до правда, развојот и користење на дигитални технологии и унапредување на активностите за климатските промени.

Членовите на Советот за ПОВ имаа можност врз основа на претходно утврдена постапка и согласно Критериуми за оценување на релевантноста и поврзаноста на заложбите од процесот на  ко-креирање на акциски план за Партнерство за отворена власт со начелата на Партнерство за отворена власт да дадат своја оценка поединечно за секоја заложба.

На седницата беше одлучено нацрт Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 година да биде јавно објавен на веб страницата на Министерството за информатичко општество и администрација, порталот за ПОВ и ЕНЕР, се со цел да се даде можност пошироката јавност да се информира и да даде свој придонес во вид на мислење и коментари.

Повеќе информации за седницата можете да добиете на следниот линк: https://ovp.gov.mk/одржана-осма-седница-на-советот-за-коо/


Преку процесот на Партнерство за отворена власт (ПОВ) застапуваме за зголемување на превенцијата на семејното насилство

На 01ви декември 2023 година како ко-кооординатор на работната група за пристап до правда во рамките на процесот на подготовка на НАП за Партнерство за отворена власт (ПОВ)  2024-2026 година, ЕСЕ организираше работна средба за разгледување и доработување на подготвените нацрт заложби.  На средбата присуствуваа назначените претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за правда (МП) и граѓанските организации Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и ХОПС. Пред организирањето на средбата, во периодот од август до октомври претставниците на ГОи подготвија три нацрт заложби насочени кон подобрување на пристапот до правда за ранливите групи на граѓани, кои беа доставени до надлежните министерства пред организирањето на настанот. Две од заложбите подготвени на иницијатива на МЗМП, на кои се приклучи и ХОПС, се однесуваа на олеснување на постапката за издавање на документ за лична идентификација и олеснување на постапката за пријавување на живеалиште за ранливите групи на граѓани.

Заложбата која беше подготвена од ЕСЕ се однесува на зголемување на превенцијата на семејното насилство, преку едукација на практичарите од институциите и правосудството, како и спроведување на национална кампања за подобрување на разбирањето во јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита. По презентирањето на нацрт заложбите, претставниците на надлежните министерства дадоа свои коментари и сугестии во однос на нивното финализирање. Воедно, претставниците на МВР ги информираа членовите на работната група за измените и дополнувањата на Законот за лични карти кои треба да придонесат за подобрување на постапката за пријавување на живеалиште и издавање на лична карта за ранливите групи на граѓани. Договорено е заложбите дополнително да се разгледаат на ниво на министерствата и да се финализираат пред усвојувањето на НАП за ПОВ 2024-2026 на почеток на 2024 година.


Ги подобруваме капацитетите на полиција за постапување во случаите на семејно насилство

Во периодот 29 и 30ти ноември 2023 година ЕСЕ организираше втората последователна обука за полициските инспектори и униформирани полициски службеници со цел јакнење на нивните знаења и вештини за постапување во предметите на семејно насилство. Обуката беше испорачана од страна на практичари со долгогодишно искуство во градењето на системот на заштита и институционалниот одговор кон семејното насилство,  Цена Чаловска поранешна советничка за превенција во МВР и Стојан Михов поранешен кривичен судија од основен суд. На обуката присуствуваа 20 претставници на униформираната полиција и полициските инспектори од 7 Сектори за внатрешни работи (СВР): Битола, Тетово, Куманово, Охрид, Струмица, Штип и Велес. Интерактивноста беше еден од најзначајните аспекти од обуката, односно дискусијата и размена на искуства помеѓу полициските службеници кои ги образложија предизвиците со кои се соочуваат во одделни аспекти од постапување во случаите на семејно насилство, како и  практичните совети од обучувачите за надминување на овие предизвици.

Фокусот беше ставен на начинот на спроведување на надлежностите на полицијата по пријавување на семејното насилство, односно комуникација со жртвата, спроведувањето на проценката на ризик и преземање на мерки за заштита на жените и нивните блиски, вклучително и спроведувањето на итната и привремените мерки за заштита. Посебно внимание беше посветено и на постапувањето на полицијата во рамките на кривичната постапка, односно препознавањето на одделните кривични дела кои се поврзани со психолошкото насилство, обезбедувањето на доказите и соодветното класифицирање на случаите како кривични дела со цел намалување на бројот на поплаки како резултат на семејно насилство. Полициските инспектори и униформираните полициски службеници работеа на практични студии на случаи во врска со психолошко и сексуално насилство за примена на стекнатите знаења и вештини. Евалуацијата на обуката покажа дека полициските службеници се во голема мера задоволни од содржината, постигнатите резултати и ангажманот на обучувачите, како и дека обуката ридонела за зголемување на нивните знаења и вештини за постапување во случаите на семејно насилство.


Одржана седмата седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година

На 03 ноември, 2023 година како ко-претседавач со Советот, ЕСЕ учествуваше на седмата видео седница на Советот за координација и следење на процесот на Партнерството за отворена власт 2021-2023 година. На седницата активно учество земаа 10 членови и 2 заменици членови на Советот (претставници на органите на државната власт и граѓанските организации) и преставник од Мрежата на граѓански организации за Партнерство за отворена власт.

По усвојувањето на предлог-дневниот ред, беа презентирани измените во Временската рамка кои беа направени на состанокот на Работната група формирана од Советот за координација и следење на процесот на Партнерство за отворена власт 2021-2023 одржан на 26.10.2023 година и истите беа едногласно усвоени од сите членови на Советот присутни на седницата.

Врз основа на ажурираната Временска рамка беа презентирани следните чекори и беше заклучено координаторите на работните групи по приоритети да достават краток осврт на реализираните активности кои ќе бидат испратени до меѓународниот Секретаријат за Партнерство за отворена власт со цел известување за текот на досегашните и следните планирани активности за финализирање на акцискиот план. Во насока на запазување на роковите од ажурираната Временска рамка беше договорено во месец ноември да се одржат интензивни состаноци со институциите со цел предлог идеите да се трансформираат во заложби кои ќе бидат составен дел од нацрт акцискиот план за Партнерство за отворена власт 2024-2026.

Повеќе информации за седницата можете да добиете на следниот линк: https://ovp.gov.mk/одржана-седмата-седница-на-советот-за/


Соработуваме со практичари од институциите, правосудството и граѓанските организации на локално ниво за подобрување на пристапот до граѓанско правна заштита за жените кои претрпеле семејно насилство

На 17ти октомври 2023 година во Прилеп, Здружение ЕСЕ го организираше вториот форум со практичари од основните судови, подрачните одделенија на Министерството за правда, Центрите за социјална работа (ЦСР) и граѓанските организации (ГОи) од општините Прилеп и Битола, со цел дискутирање на предизвиците и можностите за подобрување на граѓанско правната заштита за жените што претрпеле семејно насилство. Фокусот беше ставен на решавањето на специфичните потреби на жените во секоја фаза од постапката за изрекување на привремените мерки за заштита (ПМЗ) од семејно насилство, вклучително предлагањето, изрекувањето, извршувањето и следењето на ПМЗ.  Претставниците на ЦСР го ги нагласија системските проблеми и специфичните пречки кои оневозможуваат ефективно предлагање и следење на спроведувањето на ПМЗ, како што се недостатокот на човечки ресурси и несоодветната распределба на стручниот кадар, отсуството на континуирана едукација за постапување во овие предмети, одолговлекување на времето кое е потребно да се потврди статусот на жртва, немањето на согласност од самите жртви за поведување на постапката, ненавременото доставување на податоци за пријавените случаи од страна на полиција и недоволната соработка со ОЈО кое треба да ги процесуира предметите каде што има прекршување на изречените ПМЗ.

Друг проблем кој беше нагласен е неможноста да ги препраќаат жртвите во ГОи кои не се лиценцирани од страна на МТСП (поради насоките добиени од министерството), иако станува збор за ГО кои фактички обезбедуваат помош и поддршка на жртвите во нивните заедници. Основните граѓански судии го споделија своето искуство во однос на соработката со ЦСР, времетраењето на постапката и изведувањето на докази, при што ја нагласија потребата за организирање на дискусија помеѓу практичарите со цел воедначување на праксата и зголемување на ефективноста на заштитата која се обезбедува за жртвите на семејно насилство преку овој превентивен механизам. Претставниците на ГОи ги нагласија најчестите проблеми со кои се соочуваат жените кои претрпеле семејно насилство, како и потребата за подобрување на меѓусебната соработка, едукација на практичарите и повикување на одговорност во случаите на несовесно и штетно постапување. Во рамките на дискусијата претставник на ЕСЕ ги образложи предлозите за подобрување на одделните аспекти од постапувањето врз основа на искуството на практичарите, но и врз основа на специфичните потреби на жените кои претрпеле семејно насилство. Посебен фокус беше ставен на потребата за подобрување на начинот на комуникација при првото пријавување на семејното насилство, зголемување на бројот на предлози за изрекување на ПМЗ и подобрување на системот за следење на нивното спроведување од страна на ЦСР, како и поголемо информирање на жените за сите законски можности за ослободување од плаќање на трошоци во постапката согласно Законот за парнична постапка и користење на секундарна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош од страна на граѓанските судии. Настанот беше позитивно оценет од страна на практичарите кои сметаат дека ваков вид на активности во иднина може да придонесе за подобрување на системот за заштита и поддршка на жените кои претрпеле семејно насилство.


Работиме на подобрување на пристапот до правда за ранливите групи на граѓани преку процесот на Партнерство за отворена власт (ПОВ)

На 07ми јули претставници на ЕСЕ учествуваа на јавниот настан „Партнерство за отворена власт – Дијалог за Националниот акциски план 2024-2026“  организиран од Министерството за информатичко општество и администрација. Последователно, ЕСЕ се вклучи во процесот на подготовка на НАП за ПОВ 2024-2026 како ко-координатор на работната група која ќе работи на развивање на приоритетните цели во областа Пристап до правда во која ќе членуваат претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за правда (МП) и граѓанските организации (ГОи). Во рамките на овој процес ЕСЕ застапува за усвојување на посебна цел за превенирање на семејното насилство преку едукација на практичарите од институциите и правосудството, како и спроведување на национална кампања за подобрување на разбирањето во јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита.


Соработуваме со практичарите од институциите, правосудството и граѓанските организации на локално ниво за подобрување на граѓанско правната заштита од семејно насилство и пристапот до примарна здравствена заштита

На 30ти јуни 2023 година ЕСЕ во соработка со советникот за човекови права на постојаниот координатор на ОН, Татјана Темелкоска, организиравме форум за практичари од институциите, правосудството и граѓанските организации од општина Куманово, со цел дискутирање на можностите за подобрување на состојбите во две приоритетни области од нашата работа: пристап до правда за жените кои претрпеле семејно насилство и пристап до примарна здравствена заштита за жените и другите ранливи групи на граѓани. На форумот учествуваа претставници на Министерството за правда, Основен суд, Центарот за социјална работа, здравствени установи и граѓански организации од општина Куманово. Наодите добиени од практичарите во однос на предизвиците со кои се соочуваат, како и  можностите за решавање на специфичните потреби на жените во овие приоритетни области ќе бидат исто така искористени за дополнување на наодите (искуството) на ранливите групи на жени  во рамките на писмениот поднесок (Извештај во сенка) кон Универзалниот Периодичен Преглед (УПР) на Обединетите Нации, кој ЕСЕ планира да го поднесе во месец септември. Со ваквиот пристап го зголемуваме притисокот врз државата за преземање на суштински мерки за подобрување на граѓанските судски постапки за заштита од семејно насилство и решавање на поврзаните правни проблеми (привремени мерки за заштита, развод на брак, старателство, издршка за децата, надомест на штета и др.), како и надминување на бариерите во пристапот до примарна здравствена заштита за жените, децата, Ромите и населението од руралните средини.


Работилници за изработка на накит

На 25 и 26 мај, 2023 година, одржавме уште две работилници за изработка на накит од епоксидна смола во кои се склучија најмалку 5 жени кои користеле услуги во Центарот за правна помош на ЕСЕ. Овие работилници претставуваат продолжување на процесот на создавање на нова линија на накит за ПОГОН кој започна во април за време на Социјалниот камп “ПОГОН” во Крушево и продолжи на 18 и 19 мај.

За време на работилниците, жените работеа на изработка на финални продукти на накит од епоксидна смола.


Почеток на процесот на создавање на накит „POGON”

На 18 и 19 мај, 2023 година, одржавме две работилници за изработка на накит од епоксидна смола во кои се склучија најмалку 5 жени кои користеле услуги во Центарот за правна помош на ЕСЕ. Овие работилници претставуваат продолжување на порцесот на создавање на нова линија на накит за ПОГОН кој започна во април за време на Социјалниот камп “ПОГОН” во Крушево.

За време на работилниците, жените имаа можност да се запознаат со техниката за изработка на накит од епоксидна смола, и да започнат со моделирање/изработка на веќе договорениот дизајн на производи.


Петиција „Ромите и граѓаните бараат функционална Поликлиника во Шуто Оризари“!

Преку петицијата граѓаните бараат во Поликлиниката во Шуто Оризари да бидат обезбедени:

– Пункт за итна медицинска помош.

– Дополнителни две ординации со матични лекари.

-Специјалистичко-консултативна здравствена заштита од најмалку четири специјалности: интерна медицина, дерматовенерологија, неврологија и ортопедија.

– Радиодијагностичка дејност (Рентген дијагностика).

– Зголемен број на патронажни сестри.

– Опремување на Дежурната служба

Ве повикуваме да ги подржите барањата со што ќе придонесете кон поквалитетна здравствена заштита на населението во Шуто Оризари, преку потпишување на електронската петиција на следниот линк https://chng.it/LPpyWwHKcY

Организации креатори на иницијативата се Здружение за развој и унапредување на ромската заедница – Романо Чачипе од Шуто Оризари, Скопје; Иницијатива за развој и инклузија на заедниците – ИРИЗ од Шуто Оризари, Скопје; и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ од Скопје.

Додека организации поддржувачи на иницијативата се Здружение Иницијатива за правата на жените  од Шуто Оризари – Скопје; Здружение Рома Прогрес.


Обука за изучување на техники за шиење и кроење

ЕСЕ на пет жени/девојки им обезбеди можност за изучување на техники за шиење и кроење!

Очекувајте нешто ново на Погон.

Во меѓувреме посетете ја страницата www.pogon.mk и купете го Вашиот омилен производ.

Обуките се спроведуваат во рамки на проектот Погон – уникатна платформа поддржани преку прокеот #LeaveNoOneBehind CeProSARD.


Социјален камп – ПОГОН

Изминатиот викенд (21-23 април 2023) повеќе од 20 жени и деца се запознаа со предизвиците, начинот на работа и успесите на три жени од Крушево кои своите вештини ги искористиле за започнување и развивање на сопствен бизнис, сите здружени во Крушевска жена; жените и децата добија можност практично да погледнат како овие три жени ги подготвуваат своите производи и во исто време да вкусат дел од нив; и на крајот жените и децата беа дел од креирањето на нашата нова приказна – ексклузивна линија на накит за ПОГОН кој во себе содржи длабока приказна која многу скоро ќе биде достапна за продажба во соработка со Mimi Equilibrium Arts Jewels.
ПОГОН им нуди можност на жените да станат економски независни, да ги унапредат и искористат своите вештини, да започнат со сопствен бизнис, да го развиваат својот бизнис, да соработуваат и здружено да настапуваат.
Социјалниот камп се организираше во рамки на проектот “ПОГОН – уникатна платформа” со поддршка од CeProSARD.

Светска банка, студија “Жените, бизнисот и законот 2023 година”

Светска банка, студија “Жените, бизнисот и законот 2023 година”

Жените, бизнисот и законот 2023 година е деветта од серијата годишни студии кои ги мерат законите што влијаат на економските можности на жените во 190 економии. Студијата ја прикажува состојбата по однос на осум индикатори поврзани со  напредувањето на жените низ нивните животи и кариери: мобилност, работно место, плата, брак, родителство, претприемништво, средства и пензија.

Жените, бизнисот и законот 2023 ги идентификува бариерите за економското учество на жените и ја охрабрува реформата на дискриминаторските закони. Оваа година, студијата вклучува и ново истражување, преглед на литература и анализа на 53 години реформи за правата на жените. Студијата ја потврдува поврзаноста помеѓу законско уредување на родовата еднаквост и вработувањето и претприемништвото на жените.

Со испитување на економските одлуки што жените ги носат во текот на нивниот работен век, како и напредокот постигнат кон родовата еднаквост во последните 53 години, Жените, бизнисот и законот продолжува да дава важен придонес во истражувањето и политичките дискусии за состојбата на женската економска зајакнување.

Во подготовката на оваа студија свој придонес даде и ЕСЕ со обезбедување на податоци.


Прва средба на Групата за родова еднаквост и права на жените на Глобалната мрежа за правно зајакнување НАМАТИ

ЕСЕ е членка на глобалната мрежа за правно зајакнување НАМАТИ (повеќе за мрежата ве молиме видете на https://namati.org ).  Имајќи предвид дека правното зајакнување може да има важна улога во унапредување на правата на жените, во рамките на мрежата се формираше група на организации што работи на прашањето на родовата еднаквост и правата на жените. Оваа група составена од 17 организации се состана во март 2023 година (27-31 март) во Кампала, Уганда со цел да ја утврди стратегијата на мрежата по однос на ова прашање. Средбата беше организирана од страна на ФИДА, Уганда, членка на мрежата и НАМАТИ.

За оваа цел мрежата, односно членките на мрежата организираа средби за консултации во неколку региони глобално.  ЕСЕ организираше средба на граѓански организации од нашата земја и повеќе индивидуални интервјуа со претставници на ГО од регионот на Централна и Источна Европа, односно од Романија, Грција, Албанија, Бугарија и Косово.

На оваа средба се дискутираше за приоритетите на кои работата ГО во глобалната мрежа за правно зајакнување, односно кои се приоритетните прашања за родовата еднаквост и правата на жените во кој сметате дека правното зајакнување има централна улога. Исто така, се дискутираше и за прашањата за унапредување на капацитетите на членките на мрежата како и за можностите за заедничко застапување.На средбата беше презентирана работата на повеќе организации како што е родово-базираното насилство, правото на сопственост и влијанието на еколошките ризици врз животната средина, работничките права и искуството во однос на застапување, мерење на влијанието на интервенциите што ги преземаат граѓанските организации, и јакнење на моќта на членовите на заедницата. Во рамките на средбата беше спроведена посета во една од заедниците на предградието на Кампала во кое работи ФИДА, Уганда на обезбедување на помош и поддршка на локалната заедница од волонтерите на заедницата што обезбедуваат параправна помош.


Итно да се зголеми буџетот за скрининг, годишно во Македонија умираат 40 жени од рак на грлото на матката

Гостување на Координаторот на Програмата за јавно здравје и здравје на жените на Слободен печат – Слободна ТВ, на која без изнесени барањата на Здружение ЕСЕ за зголемување на буџетот на Програмата за рана детекција на малигни заболувања, како и барања за унапредување на опфатот на жените со Програмата за скрининг на ракот на грлото на матката. Воедно при гостувањето, Координаторот ги изнесе и наодите од истражувањето на ЕСЕ, кои се однесуваат на бариерите со кои се соочуваат ранливите групи на жени  во однос на пристапот до услугите за скрининг на рак на грлото на матката.

https://www.slobodenpecat.mk/video-borjan-pavlovski-ese-itno-da-se-zgolemi-budzhetot-za-skrining-godishno-vo-makedonija-umiraat-40-zheni-od-rak-na-grloto-na-matkata/


Став на Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост за новиот Закон за работните односи

http://mzd.mk/mk/vesti/stav_zro/

Од 2018 година, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост континуирано го следат процесот на изготвување на новиот текст на Законот за работните односи. Имајќи ги предвид најновите случувања и јавните расправи за текстот на Законот, организирани од Министерството за труд и социјална политика во повеќе градови во државата, одлучивме заеднички да реагираме за неколку клучни аспекти во целокупниот процес и за текстот на законот.

Најпрво, го поздравуваме тоа што новиот Закон за работните односи за првпат зборува за платено мајчинско, татковско и родителско отсуство.  Вака регулираното родителско отсуство ќе биде од особено значење за раниот развој на детето и сметаме дека ќе придонесе и кон системски промени за унапредување  на родовата еднаквост. Платеното родителско отсуство за татковцитe и за мајките дава вистинска предност за работните семејства и овозможува порамномерна распределба на домашните обврски и грижата за децата, а со тоа и можност за  поеднаква распределба на одговорностите во иднина и влијание на одлуките на родителите за тоа како да ги распределат ресурсите за згрижување деца, домашна работа и платена работа во подоцнежните години. Промовирањето подобри политики за родителско отсуство ширум светот – и охрабрувањето на татковците да ги искористат тие политики – се клучни за благосостојбата на семејството и на пошироката заедница. Меѓутоа, неопходно е допрецизирање на ваквите законски измени, односно, Законот да предвиди дека правото на отсуство поради бременост и родителство се исплаќа во целост (100% од платата) на товар на Фондот за здравствено осигурување. Таквото допрецизирање е потребно за да се спречат основи за дискриминација на кандидати и кандидаткипри вклучување на пазарот на трудот и нивно ставање во понеповолна положба поради користење на ова законско овозможено право.

Дополнително, новиот Закон за работните односи предвидува дека договор за вработување на определено време може да се склучи, најмногу за непрекинат период до две години. Иако двојното намалување е за поздравување и претставува позитивна промена, мораме да напоменеме дека рокот од две години исто така е долг, што придонесува до огромна финансиска несигурност на работниците. Особено е загрижувачки е фактот што, во реалноста, договорите на определено време се секојдневна пракса и правило, наместо исклучок.[1] Работниците со договори за вработување на определено време се во постојана неизвесност, затоа што во секој миг работодавачите можат да одлучат дека веќе немаат потреба од нив и да ги остават без работа. Непродолжувањето на договорите на определено време е воедно и најчестиот начин на дискриминација на бремените работнички.

Сепак, сакаме да изразиме загриженост и остро реагираме на начинот на утврдување на текстот на новиот Закон за работните односи и нетранспарентноста на последната фаза од процесот и начинот на соработка со граѓанските организации кои дејствуваат во проблематиката. Нацртот на законот е изготвен надвор од работната група, која престана со работа во јуни 2021 година, а беше оформена исклучиво за целта да изготви нов текст на Законот за работните односи. Јавните расправите за текстот на Законот, организирани од Министерството за труд и социјална политика, се одржуваат во време кога текстот на Законот не е достапен за јавноста. Селективниот и нетранспарентен пристап исклучува значајни чинители кои работат на подобрување на работничките права но исто така остава простор и за погрешни толкувања и коментари извадени од контекст што не одат во прилог на промовирањето на добри политики.

Анализирајќи ги понатаму одредбите на новиот текст на Законот за работните односи, двете мрежи изготвија правно мислење кое се состои од неколку коментари во однос на клучните недостатоци во текстот на Законот:

Новиот текст пропушта да ја прошири дефиницијата на работник што ќе ги опфати и работниците кои немаат договор за вработување, но се во реален работен однос, чие постоење може да се одреди врз основа на поврзани факти. Сегашната дефиниција не е доволно прецизна и инклузивна и не обезбедува заштита на голем број работници кои фактички работат, без договор за вработување или со поинаков договор, и не е во согласност со европското законодавство и меѓународните стандарди.

Новиот текст на ЗРО не е усогласен целосно со Законот за спречување и заштита од дискриминација и одредби што на работниците ќе им гарантираат сеопфатна и ефективна заштита од дискриминација во кој било аспект од работата. Во оваа област несоодветно е регулирано и правото на еднаква плата за еднаква работа или работа од иста вредност.

При уредувањето на правата и обврските на работникот, новиот ЗРО мора да ги усогласи решенијата со постоечката фактичка состојба – односно, мора да се внимава дека за некои категории лица потребна е поинаква дефиниција во ЗРО од оние во другите закони, како на пример –  Законот за социјалната заштита, Законот за семејството, или Законот за основно/средно образование. Целите на овие закони се поинакви и тие утврдуваат посебна заштита. ЗРО треба да цели кон тоа да ги препознае различните околности во кои се наоѓаат работниците и да им го уреди работниот однос и балансот помеѓу работата и приватниот живот на начин кој ќе им биде корисен и применлив.

Новиот текст на ЗРО не е целосно усогласен со постоечките меѓународни и европски стандарди и не обезбедува соодветна заштита за сите работници, а особено за посебните категории работници.

Сѐ уште недостасува гарантирање и заштита на достоинството на работникот и по престанокот на работниот однос.

Земајќи ги предвид овие предизвици, по направената анализа, Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост бараат вметнување на предложените измени во текстот на новиот Закон за работните односи. Дополнително, бараме да се води транспарентен и инклузивен процес, од кој ќе произлезе Предлог-закон што ќе ги вклучи сите релевантни фактори за областа на работните односи, притоа гарантирајќи ги човековите права и слободи на сите лица кои излегуваат на пазарот на трудот и на работниците, загарантирани со Уставот на Република Северна Македонија и со меѓународните документи.


СООПШТЕНИЕ: Граѓанскиот сектор алармира за односот на Владата кон граѓанското општество

https://zp.mk/blog/2023/01/30/soopshtenie-gra%d1%93anskiot-sektor-alarmira-za-odnosot-na-vladata-kon-gra%d1%93anskoto-opshtestvo/

Скопје, 30 јануари, 2023 г. – Граѓанските организации кои се дел од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како избрани претставници на граѓанскиот сектор, искажуваат силен револт од односот на Владата кон Советот и воопшто кон граѓанското општество. За таа цел, бараме од Претседателот на Владата г-динот Димитар Ковачевски да оствари средба со претставници на граѓанските организации од Советот на која очекуваме да ја појасни политиката на Владата кон граѓанското општество, да се постигне согласност за претходно покренатите проблематични прашања и вистински да се возобнови дијалогот кој беше воспоставен во изминатите години.

Ние, членовите на Советот за соработка од редот на граѓанските организации, констатираме дека во изминатата година работењето на Советот беше оневозможено преку владиното игнорирање на клучните негови препораки и заклучоци, што е основна негова надлежност како советодавно тело на Владата. Неколкуте обиди да се воспостави директна комуникација, а воедно и средба со Претседателот на Владата и со претставници од Владата за да се дискутира за  суштински прашања што го засегаат функционирањето на граѓанското општество досега беа оставени без одговор.

Длабоко сме загрижени поради влошената соработка, отсуството на суштинска, па дури и на формална комуникација и дијалог. Функционирањето на граѓанското општество е клучен показател за демократската клима во земјата, а кога тоа е загрозено – доведен е во прашање и напредокот на земјата, како и нејзиното приближување до Европската Унија. Во изминатиов период, а и сега, посебно ги потенцираме како предизвици следните прашања:

  • Беа усвоени измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации без консултативен процес на засегнати страни, особено на Советот за соработка и пошироко граѓанските организации. Ценејќи дека постои активна работна група за измени и дополнувања на овој закон минимум очекувано беше од Владата да го отвори консултативниот процес преку јавна дискусија во Собранието на Република Северна Македонија;
  • Во изминатата година Владата и формално и суштински ја прекрши институционалната поставеност во врска со укинувањето на средствата наменети за поддршка на активностите на граѓанскиот сектор од Генералниот секретаријат на Владата и без консултации го утврди Министерството за политички систем и односи со заедниците како надлежно министерство за распределба на средствата за поддршка на граѓанските организации. Со ваквиот начин на постапување, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците излезе целосно од рамките на своите надлежности, што е утврдено со правната рамка на државата. Ова укажување беше во неколку наврати посочено од Советот за соработка, но Владата и Министерството целосно го игнорираа ставот на ова тело;
  • Процесот за реформа на државното финансирање и покрај сите напори и во 2022 година не се реализираше и дополнително наместо да се предвиди зголемување на државното финансирање, граѓанските организации се соочија со кратење на средства по различни основи. Ова е целосно спротивно на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество согласно која децидно е предвидено зголемување на средствата за државно финансирање на ГО;
  • Владата го затвори консултативниот процес за Реформа на државната управа со што се нарушија основните постулати за соработка со засегнати страни. Овој процес, кој претставува целосна и сеопфатна реформа на државните органи, и покрај неколкуте барања на Советот и воопшто на граѓанскиот сектор продолжува да се води само во рамки на министерствата.

Згора на оваа ситуација, повеќе граѓански организации пријавуваат дека е значително стеснет просторот за работа на здруженијата и фондациите, а комуникацијата со повеќе министерства е влошена до загрижувачки размери, што се констатира и во повеќе извештаи кои се изготвени за овозможувачката околина на граѓанските организации.

Имајќи го предвид сето горе наведено, очигледно е дека Владата не работи на постигнување на целите на Стратегијата за соработка со и развој на граѓанското општество 2022-2024 и не го спроведува акцискиот план на оваа Стратегија. Истовремено, со оглед на нарушената работа на Советот, не функционира ниту системот за следење на исполнувањето на обврските на Владата од оваа стратегија, за што Советот има мандат.

Вреднувајќи го незаменливиот придонес на граѓанското општество за напредокот на земјата и поддршката што овој сектор ја дава на патот на интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, членовите на Советот од редот на граѓанските организации очекуваат дека Претседателот на Владата и Владата на Република Северна Македонија ќе демонстрираат конструктивност и зачувување на основните демократски вредности за кои се залагаме како држава, со што нема да се доведе во прашање работата на цел еден сектор во ова општество. За таа цел, покрај ова јавно обраќање, ново барање за средба е доставено до кабинетот на Претседателот на Владата, како и до Претседателот на државата, релевантни комисии при Собранието на Република Северна Македонија и Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Избрани претставници на граѓанскиот сектор во Советот за соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и граѓанското општество, со своите организации:

  1. Снежана Камиловска Трповска, Македонски центар за меѓународна соработка Скопје – област: Демократија и владеење на правото
  2. Уранија Пировска, Здружение Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија Скопје – област: Промоција и заштита на човековите права и антидискриминација
  3. Никица Кусиникова, Здружение Конект Скопје – област: Економски и одржлив развој
  4. Димитар Низамовски, Здружение на граѓани Младински образовен форум Скопје – област: Наука, образование и доживотно учење
  5. Зоран Илиески, Коалиција на младински организации Сега Прилеп – област: Млади
  6. Јасминка Фришчиќ, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, Скопје – област: Социјална заштита и заштита на деца
  7. Далиборка Златева, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености Велес – област: Заштита на маргинализираните лица
  8. Андреј Сених, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – Заедно посилни Скопје – област: Заштита на здравјето
  9. Лилјана Јоноски, Здружение Рурална коалиција Куманово – област: Земјоделство и рурален развој
  10. Тијана Ана Спасовска, Јадро Асоцијација на независната културна сцена Скопје, област Култура
  11. Никола Додов, Здружение за поттикнување и промоција на информатиката Асоцијација на студенти информатичари Скопје – област: Медиуми и информатичко општество
  12. Драгица Костадиновска, Здружение Мултиетничка организација за интернационални култури Мозаик Меик Скопје – област: Спорт
  13. Ардита Абази Имери, Институт за европска политика – Скопје – област: ЕУ интеграции и политики
  14. Марија Савовска, Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска Скопје – област: Родова еднаквост
  15. Сашка Коцевска, Движење на екологистите на Македонија Велес – област: Заштита на животната средина

Објавено на 30/01/2023