Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Посилни системи, поправедна грижа: елиминација на корупцијата во здравството“. Целта на овој 18-месечен проект е да се идентификуваат проблеми со корупцијата во здравствениот систем на Северна Македонија и преку поттикнување поголема транспарентност, отчетност и родово чувствително управување да се унапреди еднаквиот пристап до здравствени услуги. Општата цел на проектот е зајакнување на јавната доверба и правичноста во здравството преку зајакнување на капацитетите на маргинализираните жени, унапредување на институционалните капацитети и промовирање на дијалог меѓу засегнатите чинители. Проектот вклучува активности со граѓаните во Тетово, Куманово, Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола за да се запознаат со своите права од областа на здравствената заштита и да се зајакнат нивните сфаќања за корупцијата во здравството и капацитетите за пријавување на истата, вклучително и обуки за здравствени работници, медиумско застапување и реформи на политики за остварување на долготрајно системско влијание.

Овој извештај се заснова на анализа на податоци од телефонска анкета со компјутерска асистенција (CATI) и фокус-групи со жени од шест општини во Република Северна Македонија. Целта на извештајот беше да се анализираат личните искуства и генералните перцепции на граѓаните во државата. Истражувањето покажува дека корупцијата во здравството се перципира како сериозен проблем од страна на граѓаните и дека не се преземаат доволно мерки од страна на надлежните институции за спречување и намалување на коруптивните активности.

Со оглед на обемот и комплексноста на утврдените проблеми, овој извештај има за цел не само да ги прикаже клучните наоди, туку и да придонесе за подлабоко разбирање на системските слабости што ја поттикнуваат корупцијата и нееднаквоста во пристапот до здравствена заштита. Анализата што следува ги интегрира квантитативните и квалитативните сознанија за да обезбеди сеопфатна слика за предизвиците со кои се соочуваат граѓаните, особено жените и девојките, како и да ги идентификува областите во кои интервенциите на проектот можат да создадат најголемо и најдолготрајно влијание. Овој извештај претставува основа за информирано креирање политики и поддршка на институционални реформи што се неопходни за изградба на поправеден, потранспарентен и поодговорен здравствен систем.

„Снаоѓање“ или корупција? Неформални плаќања, врски и подароци во здравствениот систем