Скопје, 4 февруари 2025 – По повод Светскиот ден за борба против ракот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) ја повикува Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство итно да ја зголемат поддршката за превентивни програми за рана детекција и спречување на малигни заболувања.

Анализите покажуваат дека превентивната здравствена заштита во земјата не е приоритет. Буџетските средства за превенција се намалуваат, при што во 2024 година изнесуваа само 590 милиони денари, додека за 2025 година се предвидени 651 милион денари. Сепак, загрижувачки е што во последните години, со ребаланси, овие средства често се кратат.

Особено алармантна е состојбата со скринингот на ракот на грлото на матката, кој иако е воведен од 2012 година, не овозможува соодветна превенција. За успешен скрининг е потребно да бидат опфатени најмалку 75% од жените, но во 2023 година биле тестирани само 11% од целната група. Недоволната распределба на финансиски средства (само 11 милиони денари годишно), недостигот на гинеколози во 40 општини, како и проблемите со електронското пријавување, ја загрозуваат ефективноста на програмата.

Поради тоа секоја година од рак на грло на матка заболуваат околу 200 жени, а во изминатите години, секоја година умираат помеѓу 40 до 60 жени од рак на грло на матка. Сите овие смртни случаи можат да се спречат доколку имаме добро организиран и соодветно финансиран скрининг на рак на грлото на матката, како и соодветен опфат со ХПВ вакцинација на младите.

ЕСЕ бара итно зголемување на средствата за скрининг на рак на грлото на матката на минимум 35 милиони денари годишно, подобра достапност до гинеколошки услуги, зголемена вакцинација со ХПВ вакцина и спроведување на сеопфатни здравствени едукативни кампањи.

Превенцијата спасува животи! Борбата против ракот мора да биде врвен приоритет за здравствените политики во земјата.

04-ти Февурари – Светски ден за борба против ракот – https://www.worldcancerday.org

 

Контакт за медиуми:

Д-р Борјан Павловски

Координатор на програмата за јавно здравје и здравје на жените

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ)

Ул. Максим Горки бр. 20/1-4

Телефони за контакт: 070/268–714, 02/3298-713

Работата на полето на унапредување на скринигот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамките на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“ во рамките на програмата Цивика Мобилитас со поддршка од Швајцарската агенција за развој.

 

Содржината на ова соопштение е единствена одговорност на Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на владата на Швајцарија, Цивикамобилитас, или организациите што ја спроведуваат.