ЗДРАВСТВЕНИ ТРОШОЦИ И БУЏЕТ
Финансирањето во здравството претставува една од основните функции на здравствениот систем која може да овозможи придвижување кон постигнување на универзален опфат со здравствена заштита преку унапредување на ефективноста на здравствените услуги и финансиска заштита на граѓаните. Во таа насока државата треба да ги искористи максимално расположливите средства за здравствена заштита и да мобилизира што повеќе ресурси со цел прогресивно да се обезбеди правото на здравје, а воедно да осигури ефикасно трошење на здравствените буџети.
Спроведуваме континуиран мониторинг на здравствените буџети, со фокус на превентивните програми на Министерството за здравство и буџетот за превентивна здравствена заштита со цел да го следиме алоцирањето и трошењето на буџетските средства за оваа намена.
Го проценуваме влијанието на макроекономските политики врз здравствените буџети и остварувањето на здравствените права на граѓаните, со посебен фокус на ранливите и маргинализираните групи од населението.
Ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации за примена на методологијата за мониторинг и анализа на буџети за остварување на правото на здравје преку спроведување на обуки и преку менторска и експертска поддршка.
ЗА ПРАШАЊЕТО
Во Р. Северна Македонија најмалку 40 000 граѓани се соочуваат со значителни финансиски тешкотии заради лични трошоци што ги прават при добивање на здравствена заштита. На глобално ниво Северна Македонија е меѓу државите со најниска јавна потрошувачка за здравствена заштита како процент од БДП. Иако во последните две децении владините трошоци за здравство, забележаа значително зголемување во последните две децении, сепак во последната деценија се бележи зголемување на приватните трошоци за здравство. Овие клучни показатели укажуваат дека државата не се придржува до основните принципи за искористување на максимално расположливите средства за финансирање на здравствената заштита, ниту за прогресивно зголемување на финансиските средства за здравствена заштита. Воедно во последната деценија Министерството за здравство во континуитет не одвојува доволно буџетски средства за превентивна здравствена заштита за жените, мајките и децата. Недоволното издвојување на финансиски средства за здравствена заштита има директно негативно влијание врз здравјето и добросостојбата на населението, со посебен осврт на ранливите групи, што пред се е евидентно преку високиот број на починати жени од ракот на грлото на матката и ракот на дојката. Воедно Недоволното издвојување на финансиски средства за здравствена заштита води и до негативно влијание врз финансиската состојба на граѓаните, кои се приморани приватно да плаќаат за здравствените услуги.
ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ
Мониторинг на буџетите на превентивните програми на Министерството за здравство
Во континуитет вршиме мониторинг на буџетите на превентивните програми на Министерството за здравство со посебен фокус на Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања (компонентите за скрининг на рак на грлото на матката и скрининг на рак на дојка), Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите. Преку мониторингот на буџетите ја следиме алокацијата на буџетските средства за овие програми, утврдуваме дали алоцираните буџетски средства се соодветни за постигнување на главните цели, утврдуваме колку буџетски средства се алоцирани за активности наменети за ранливи и маргинализирани заедници, а воедно ги следиме и промените во алокацијата на буџетските средства за овие програми во текот на годините. Следиме дали државата го почитува принципот за искористување на максимално расположливите средства за финансирање на превентивните програми. Ја следиме реализацијата на буџетските средства за превентивните програми, односно дали средствата се трошат за намената за којашто се предвидени, во колкав обем се трошат, при што посебен фокус ставаме на трошењето на буџетските средства наменети за активности помеѓу ранливите и маргинализирните групи од населението. Наодите од мониторингот на буџетите ги поврзуваме со наодите од мониторингот на имплементацијата на активностите и услугите предвидени во програмите, како и со наодите од мониторингот во заедницата за опфатот на ранливите групи од населението со програмите. Овој пристап ни овозможува да направиме директно поврзување со тоа како несоодветната алокација или несоодветното трошење на буџетските средства директно се одразува врз намалениот опфат на населението со активностите и услугите од програмите, како и со влијанието врз квалитетот на обезбедените услуги. Наодите од мониторингот на буџетите во корелација со наодите од програмскиот мониторинг ги користиме во нашите напори за застапување со цел да се зголемат буџетските средства за превентивните програми и нивно ефективно користење, односно да се зголеми опфатот на населението со предвидените мерки и активности, со посебен фокус на ранливите и маргинализираните групи од населенито. Воедно, фактот дека повеќе од една деценија ги следиме буџетите на овие програми ни овозможува навремено детектирање на разни појави, како што се намалување на алокацијата на буџетските средства за програмите или пак недоволна искористеност на буџетските средства, при што навремено и соодветно реагираме до надлежните институции, а воедно ја известуваме и јавноста и медиумите за неповолните промени во буџетите и како тоа се одразува врз здравствените услуги и здравјето на населението.
Спроведуваме мониторинг и на вкупниот буџет за превентивна здравствена заштита на Министерството за здравство
Спроведуваме мониторинг и на вкупниот буџет за превентивна здравствена заштита на Министерството за здравство, што ни овозможува да увидиме колку државата вложува во превентивната здравствена заштита и со тоа може да утврдиме дали превентивата ѝ е приоритет на државата. Оваа работа е од особена важност, бидејќи одвоените средства за превентивна здравствена заштита претставуваат инвестиција во здравјето на граѓаните, која на долг рок носи голем број придобивки, од унапредено здравје, спречена предвремена смртност, финансиски заштеди од непотребно лекување, како за населението така и за државата, како и финансиски придобивки за поединците и државата од здраво и продуктивно население. Наодите од мониторингот на буџетот за превентивна здравствена заштита ги користиме во процесот на застапување, преку кој редовно бараме од државата да ја приоретизира превентивната здравствена заштита и да осигури соодветна алокација на буџетските средства и нивно ефективно искористување заради унапредување на здравјето на населението преку спречување и навремено откривање на заболувањата.
Спроведуваме анализи за влијанието на макроекономските политики врз расположливите средства за финансирање на јавното здравство
Овие анализи даваат приказ на односите помеѓу јавните расходи на здравствениот сектор и макроекономските индикатори во Република Северна Македонија, односно го оценуваат влијанието на економскиот раст и развој, јавните приходи што се кумулираат на национално ниво, јавните приходи што се прибираат преку генерирање на долг на национално и меѓународно ниво, фискалниот баланс и на трансферите кон здравствениот сектор од државниот буџет. Преку овие анализи утврдивме дека и покрај порастот на бруто домашниот приход во изминатите 15 години, како и промените што се прават за да се прошири фискалната основа за прибирање на повеќе средства во буџетот на државата, реално не придонесуваат за зголемување на расположливите средства во буџетот на РС Македонија за унапредување на квалитетот на здравствената заштита и обезбедување на географска, физичка и економска достапност на здравствени услуги на граѓаните. Аргументите од овие анализи ги користиме во нашите напори за застапување преку кои бараме од државата да се зголемат буџетските средства за здравствена заштита соодветно на промените и макроекономските движења во државата.
Спроведуваме анализи за влијанието на макроекономските политики врз расположливите средства за финансирање на јавното здравство
Спроведуваме анализи за влијанието на макроекономските политики врз расположливите средства за финансирање на јавното здравство. Овие анализи даваат приказ на односите помеѓу јавните расходи на здравствениот сектор и макроекономските индикатори во Република Северна Македонија, односно го оценуваат влијанието на економскиот раст и развој, јавните приходи што се кумулираат на национално ниво, јавните приходи што се прибираат преку генерирање на долг на национално и меѓународно ниво, фискалниот баланс и на трансферите кон здравствениот сектор од државниот буџет. Преку овие анализи утврдивме дека и покрај порастот на бруто домашниот приход во изминатите 15 години, како и промените што се прават за да се прошири фискалната основа за прибирање на повеќе средства во буџетот на државата, реално не придонесуваат за зголемување на расположливите средства во буџетот на РС Македонија за унапредување на квалитетот на здравствената заштита и обезбедување на географска, физичка и економска достапност на здравствени услуги на граѓаните. Аргументите од овие анализи ги користиме во нашите напори за застапување преку кои бараме од државата да се зголемат буџетските средства за здравствена заштита соодветно на промените и макроекономските движења во државата.
За време на пандемијата со КОВИД-19 спроведовме буџетски анализи
За време на пандемијата со КОВИД-19 спроведовме буџетски анализи во однос на тоа од кои извори државата обезбедува средства за да се справи со последиците од пандемијата, како и за ефективното трошење на тие средства, односно дали и во која мера потрошените средства придонесоа за унапредување на состојбата на граѓаните. Наодите од анализите послужија како основа за нашите барања за застапување во насока државата да преземе соодветни мерки и активности со цел да ги намали последиците од пандемијата со КОВИД-19 врз граѓаните. Исто така овие анализи претставуваат солидна основа која укажува дека е неопходно државата соодветно да биде подготвена да мобилизира средства и ефективно да ги користи при секоја итна кризна состојба или непогода.
Ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации од РС Македонија и од регионот
Ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации од РС Македонија и од регионот за примена на методологијата на мониторинг и анализа на буџети во нивната работа за обезбедување на правото на здравје, со фокус на ранливите и маргинализираните заедници. Во таа насока спроведуваме обуки за граѓанските организации, обезбедуваме директна менторска и експертска поддршка и подготвуваме ресурсни материјали. Веруваме дека со проширувањето на мрежата на граѓански организации кои ќе ги користат наодите од процесот на мониторинг и анализа на буџети ќе се зголеми степенот на застапување во барањата за соодветна алокација и ефективно трошење на буџетските средства наменети за здравствена заштита, особено за ранливите и маргинализираните групи од населението.
Застапување на меѓународно ниво
Нашите наоди од работата на полето на мониторинг на здравствените трошоци и буџети ги користиме и во нашите напори за застапување на меѓународно ниво, преку вклучување на клучните наоди и препораки во нашето известување кон релевантните меѓународни тела за заштита на човековите права.
Нашето присуство во медиумите
За три години се скратени 400 милиони денари од буџетот за превенција од болести
Во предлог-буџетот за 2024 година се намалени речиси 400 милиони денари за превентивните програми за рана детекција на малигни заболувања, заштита на населението од СИДА, заштита на мајките и децата, имунизација, превентивна здравствена заштита, за превенција од кардиоваскуларни болести, споредбено со буџетот за 2021 година. Во предлог-буџетот за 2024 година има нешто помалку од 600 милиони денари за овие програми, што е поразително, ако се има предвид дека превенцијата и превентивните прегледи се сметаат за клуч за спречување на појавата на хронични заболувања, како и превенција на предвремена смртност од нив.
За Програмата за скрининг на рак на грлото на матката во РС Македонија се одвојуваат средства за да се покријат 25 % од жените. Со една успешна скрининг-програма треба да се опфатат 75 % од жените со скрининг на рак на грлото на матката. Развиените европски држави обезбедуваат опфат на жените над 75 % со скрининг-програмите за рак на грлото на матката и за рак на дојка. Како пример може да се земе Германија, која во изминатите години ја намали смртноста од рак на грлото на матката од 75 до 90 проценти. Тенденција е во наредните 10 години смртноста да биде сведена на нула. А кај нас, за жал, сè уште околу 40 жени годишно умираат од овој карцином кај кој смртноста може да биде спречена. Кај нас нема ни доволен опфат со ХПВ-вакцинација, која е околу 50 проценти, а воедно не се спроведуваат ниту едукативни кампањи. Опфатот со Програмата за скрининг на рак на дојка е околу 1 процент, а над 300 жени годишно умираат од рак на дојка во РС Македонија.
За да се зголемат буџетите за превентивните програми, Здружението ЕСЕ, во соработка со Платформата за ХИВ, ХЕРА и Заедно посилни, спроведе активности за застапување насочени кон пратениците во Собранието на РС Македонија. Во рамки на овие активности од пратениците беше побарано да поднесат амандмани на предлог-буџетот во насока на зголемување на буџетските средства за превентивни програми согласно со реалните потреби.
Линк до нашата изјава: https://samoprasaj.mk/ziveacka/za-tri-godini-skrateni-se-400-milioni-denari-od-budjetot-za-programi-za-prevencija-od-bolesti/, објавено на 1 декември 2023.
Борјан Павловски, ЕСЕ: Итно да се зголеми буџетот за скрининг, годишно во Македонија умираат 40 жени од рак на грлото на матката
Владата и Министерството за здравство го намалија буџетот на Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2 милиони денари за 2023 година, иако и во претходните години буџетот за оваа програма не беше доволен за соодветен опфат на жените со скрининг на рак на грлото на матката. Имено, поради недоволните буџетски средства и несоодветната организираност во 2021 година со скрининг на рак на грлото на матката беа опфатени само 22 % од жените од целната возрасна група, што е многу далеку од опфатот во државите на Европската Унија, кој изнесува над 75 % од жените. Стапката на откривање на рак на грлото на матката во напредна фаза може да се намали, со што би се спасиле животите на жените, но за тоа е неопходно итно да се зголеми буџетот на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката. Покрај зголемување на средствата за прегледи на жените, неопходно е во Програмата да се предвидат и активности за едукација на жените и посебни активности на ниво на заедница за зголемен опфат на жените од ранливите групи. Меѓутоа, сосема спротивно на потребите, Министерството за здравство го намали буџетот за оваа програма
Со таа цел, Здружението ЕСЕ побара од Министерство за здравство итно зголемување на буџетот на Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година.
Линк до нашата изјава: https://www.slobodenpecat.mk/video-borjan-pavlovski-ese-itno-da-se-zgolemi-budzhetot-za-skrining-godishno-vo-makedonija-umiraat-40-zheni-od-rak-na-grloto-na-matkata/, објавено на 1 февруари 2023.
Здружение ЕСЕ – намален е буџетот на Програмата за скрининг на малигни заболувања
Покрај тоа што вкупниот предлог-буџет на државата бележи значително зголемување за 2023 година, државата крати речиси една третина од буџетот предвиден за превентивните програми на Министерството за здравство.
Во телевизиското гостување на утринската програма на Македонската радио-телевизија, координаторот на Програмата за јавно здравје на ЕСЕ истакна дека и покрај тоа што државата планира рекордно висок буџет за 2023 година, буџетот на Министерството за здравство не е зголемен. Исто така најголемите кратења се во делот на превентивна здравствена заштита, што е поразително, бидејќи средствата за превентива се сметаат за инвестиција а не за трошок. Тоа е така поради тоа што преку инвестирање во превентивната здравствена заштита државата го унапредува здравјето и добросостојбата на населението преку спречување на појавата на заболувањата, како и преку навремено откривање и лекување на заболувањата.
Координаторот на Здружението ЕСЕ посочи дека и досега буџетот за рана детекција на малигни заболувања не беше доволен за соодветно спроведување на скринингот за овие заболувања, што воедно со години наназад е нотирано и во извештаите на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија.
Недоволниот буџет резултира и со недоволен опфат на жените со скрининг на рак на грлото на матката, при што за период од три години опфатени се само 28 % од жените од целната возрасна група.
Воедно Министерството за здравство го крати и буџетот за Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата за 3 милиони денари, иако само пред два месеци Комитетот за правата на детето при ОН во својот извештај изрази загриженост дека Северна Македонија не инвестира доволно средства за превентивна здравствена заштита за мајките и децата. Дополнително на тоа, Комитетот за правата на детето препорача да се зајакне здравствената едукација на родителите за потребата од вакцинација, поради намалениот опфат на децата со вакцинација, меѓутоа во Програмата за мајки и деца се тргнати сите активности за здравствена едукација на населението, вклучително и едукацијата за вакцинација.
Намалениот буџет за превентивните програми ќе има директен негативен ефект врз здравјето, добросостојбата и животот на жените, мајките и децата.
Здружението ЕСЕ во партнерство со други граѓански организации побара од пратениците во Собранието на РС Македонија со амандмани да побараат зголемување на буџетот за превентивните програми, меѓутоа организациите не добија никаков одговор од страна на пратениците.
Линк до видеото од гостувањето во утринската емисија: https://www.youtube.com/watch?v=JM8_J-R69l8, објавено на 28 ноември 2022.
Државниот буџет расте, средствата за превенција се кратат – Соопштение за јавност
Покрај значителното зголемување на државниот предлог-буџет за 2023 година, здравствената заштита за превенција се намалува за дури една третина во споредба со претходните две години, а кратење има во дури 7 од 10 превентивни програми.
Кратења има во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести, за организирање и унапредување на крводарителството, за превентивна здравствена заштита, за задолжителна имунизација, за спречување на бруцелоза, за спречување на туберкулоза, за заштита од СИДА и за активна здравствена заштита на мајките и децата. Вкупниот буџет на програмите за превентивна и за куративна здравствена заштита е на исто ниво како и оваа година, и покрај тоа што во 2023 година државниот буџет ќе биде најголемиот досега од осамостојувањето на државата.
Наместо да расте пропорционално со државниот буџет, буџетот на Министерството за здравство останува непроменет во вкупниот износ на средства и поради тоа од 3 %, колку што изнесувал во периодот 2018–2020 година, следната 2023 година ќе претставува само 2,1 % од вкупниот буџет.
Со цел да се побараат измени и дополнувања на предлог-буџетот во рамки на Собранието на РС Македонија, Здружението ЕСЕ, во соработка со Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ (која обединува 14 здруженија на граѓани) и со Иницијативата на жените од Шуто Оризари, спроведе активности за застапување преку кои до пратениците во Собранието достави предлог-амандмани за зголемување на буџетските средства наменети за превентивните програми на Министерството за здравство. Со цел да ја известиме јавноста и медиумите за кратењето на буџетските средства за превентивна здравствена заштита и за нашите напори за застапување, здруженијата заеднички подготвија соопштение за јавност, кое беше испратено до медиумите.
Линк до соопштението за јавност:
https://esem.mk/pdf/Sto%20rabotime/2022/1/24.11.2022_Соопштение%20за%20медиуми_Буџет%20здравство.pdf, објавено на 24 ноември 2022.
Бесплатните услуги во бременоста одземени на трудниците без здравствено осигурување
Министерството за здравство во 2022 година ги укина бесплатните прегледи за време на бременоста и бесплатното породување за жените што не се здравствено осигурени, што беше овозможено со Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата.
Здружението ЕСЕ во септември 2022 година ја сподели со јавноста информацијата дека Владата во февруари 2022 година го укина буџетот предвиден за бесплатни прегледи за време на бременоста и бесплатно породување за жените што не се здравствено осигурени. Оваа мерка беше донесена пред пет години од Владата во Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата со цел ниту една жена да не биде изоставена од услугите за време на бременоста и породувањето, што е едно од главните начела на Светската здравствена организација.
Протоколите и клиничките упатства за следење на бременост, усвоени од Министерството за здравство, предвидуваат 8 до 10 здравствени контроли за време на бременоста со кои се следи здравјето на мајката, како и растот и развојот на плодот. Согласно со протоколите, за време на бременоста е важно прегледите да се направат во точно утврдени временски периоди и не трпат одложување. Поради тоа државата не смее да дозволи бременоста кај жените што немаат здравствено осигурување да поминува без здравствени контроли, затоа што тоа ќе го влоши здравјето на мајката и на детето.
Земајќи го сето тоа предвид, Здружението ЕСЕ побара од Министерството за здравство да ја врати активноста за бесплатни прегледи за време на бременост за жените што не се опфатени со здравствено осигурување.
Линк до нашата изјава: https://samoprasaj.mk/ziveacka/besplatnite-uslugi-vo-bremenosta-odzemeni-na-trudnicite-bez-zdravstveno-osiguruvanje/, објавено на 4 ноември 2022.
НЕ за штедење од здравјето на граѓаните!
Државата во првото тримесечје од 2022 година го скрати буџетот за превентивна здравствена заштита на Министерството за здравство, при што најголемо кратење има во буџетот на системот за заштита од ХИВ за дури 40 %. Со кратењето на буџетот на системот за заштита од ХИВ за дури 40 %, Министерството за здравство директно го загрозува здравјето на луѓето и може да ја разгори епидемијата со ХИВ.
Земајќи ја предвид оваа состојба, Здружението ЕСЕ се приклучи на иницијативата на здруженијата членки на Платформата за одржливост на услугите за превенција и поддршка во врска со ХИВ и Иницијативата на жени од Шуто Оризари во организација на протестот за изразување на незадоволство од кратењето на буџетот за превентивна здравствена заштита, кој се одржа на 4 април 2022 година.
На протестот свое обраќање пред медиумите имаше координаторот на Програмата за јавно здравје на ЕСЕ, кој при тоа нагласи дека во планирањето и буџетирањето во здравството ниту една група од населението не смее да биде дискриминирана, а при буџетирањето во здравството не смее да има уназадување, односно не смее да има кратење. Превентивната здравствена заштита претставува клучен сегмент на еден здравствен систем и финансиските средства издвоени за превентива не се сметаат за трошоци туку за инвестиција.
Линк до изјавата на ЕСЕ: https://esem.mk/index.php/shto-rabotime-sega/4192-ne-za-stedenje-od-zdravjeto-na-gragjanite.html, објавено на 5 април 2022.
ПУБЛИКАЦИИ
ОСТАНАТИ ПУБЛИКАЦИИ
Со 38,3 милиони УСД добиени со заем од Светска банка, Владата се справуваше со последиците од КОВИД-19
Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 создаде непредвидлив и значителен притисок врз глобалната економија и јавните здравствени системи. Исто така, пандемијата придонесе за истакнување и зголемување на нееднаквоста и дискриминацијата помеѓу населението, а особено помеѓу ранливите групи на граѓани. Пандемијата особено придонесе за продлабочување на јазот помеѓу мажите/момчињата и жените/девојчиња, како и помеѓу различните етнички малцинства и лицата што припаѓаат на различен социјален статус. Пандемијата ги премина границите на здравствена криза и придонесе земјите, освен со здравствена криза, сè повеќе да се борат со криза на пазарот на труд, социјалната и економската криза. Како резултат на ваквата состојба, пандемијата претставува сериозна закана за егзистенцијата на граѓаните, а особено за ранливите и маргинализираните групи од населението.
Земајќи ја предвид оваа состојба, државата е должна да преземе низа мерки и активности кои не само што ќе го подобрат одговорот на здравствениот сектор кон пандемијата туку ќе го подобрат и животот и добросостојбата на граѓаните, како и нивниот пристап до сите потребни услуги. За преземање на овие мерки неопходни се дополнителни финансиски средства што првично државата не ги планира во државниот буџет.
Во оваа анализа дадовме осврт на користењето на средствата добиени со заем од Светска банка за проектот за брз одговор на последиците предизвикани од КОВИД-19, кој го спроведува Владата на Република Северна Македонија во вредност од 100 милиони УСД, а кој има за цел да се спречи, открие и да се одговори на заканата од КОВИД-19, како и да се зајакне и унапреди подготвеноста на јавниот здравствен сектор. Во анализата дадовме осврт на тоа колку средства се искористени од заемот, за кои намени се искористени, какво е нивото на транспарентност на институциите во однос на трошењето на средствата од овој заем, дали средствата се наменски потрошени, како и колку граѓани оствариле придобивки преку средствата од овој заем.
2021 | Со 38.3 милиони УСД добиени со заем од Светската Банка, Владата се справуваше со последиците од COVID-19 |
Кои се компаниите што им донирале на јавните институции за справување со КОВИД-19 и во исто време оствариле приход од државата преку склучување на договор за јавна набавка
Во периодот кога нашата земја и целиот свет се соочуваа со огромен предизвик, како што е пандемијата со КОВИД-19, голем број граѓани, претпријатија и меѓународни организации преку различни и филантропски активности на јавните институции им обезбедија донации со материјални и финансиски средства, а со цел да помогнат кога е најнеопходно. Повеќето донатори, заради јавен интерес и потребата да се сочува јавното здравје, своите донации во опрема и финансиски средства ги наменија и испорачаа до јавните здравствени установи како еден од клучните сектори за справување со епидемијата. Имено, во овој период, неспорно се покажа дека донациите претставуваат важен извор на средства за јавниот здравствен систем, медицинскиот персонал и пациентите.
Во РС Македонија донациите се регулирани со Законот за донации и спонзорства во јавни дејности, со кој јасно и прецизно се уредени предметот и целта на донациите во јавен интерес, со точно определени права и обврски за давателот и примателот на донацијата во однос на склучениот писмен договор за донација. Последователно на ова, а согласно со Законот, секоја донација за јавен интерес мора да е транспарента и достапна за пошироката јавност, со податоци за идентификација на донаторот, нејзиниот состав, финансиска вредност, како и податок за целта и намената на донацијата. Во спротивно, доколку при контрола се утврдат неправилности и злоупотреба при користење на донацијата, за прекршителите се предвидени парични казни. Дополнително, за постигнување резултати во менаџирањето со кризата и олеснување на постапката за донирање во здравствените установи, Владата на РСМ во месец април 2020 година ја донесе Уредбата со законска сила за примена на Законот за донации и спонзорства во јавни дејности. Со оваа уредба, за разлика од претходно, за сите донации, со цел да се сузбие корона-кризата, наменети за буџетски корисници не е потребно да се утврдува јавниот интерес, додека пак за донирање кон други субјекти, утврдувањето на јавниот интерес го врши Министерството за правда со издавање на решение по електронски пат. Имајќи предвид дека во услови на пандемија во нашата земја е зголемен бројот на донации од домашни физички лица и претпријатија, но исто така и од странски донатори и меѓународни организации, формиран е Фонд за поддршка заради справување со корона-кризата, со тоа што примените донации во пари се прибираат на наменските сметки на Министерството за здравство, кои беа новоотворени за оваа цел.
Во недостиг на податоци за поврзаноста и меѓусебното влијание на донациите и набавките, односно за постоење на условеност помеѓу нив, ја подготвивме оваа анализа. Со неа се обидовме да дадеме одговор на прашањето колку донациите се предуслов и основа за склучен договор за јавни набавки, со што се овозможува донаторот да си го поврати донираниот износ. Оваа информација дава приказ на домашните компании кои им донирале на јавните институции за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 и во исто време склучиле договор за јавни набавки со некоја јавна институција во периодот од 26.2.2020 до 26.6.2020 година. Во анализата е содржана и висината на донираните средства и видот на донации наспрема висината на приходите од склучените договори за јавна набавка и видот на обезбедена стока/услуга.
2020 | Кои се компаниите кои им донирале на јавните институции за справување со COVID – 19 и во исто време оствариле приход од државата преку склучување на договор за јавна набавка |
Извештај од спроведениот мониторинг и анализа на буџетот за превентивната здравствена заштита и неговата реализација за периодот од 2012 до 2019 година
Владата на РС Македонија преку Министерството за здравство секоја година издвојува средства наменети за превентивна здравствена заштита. Средствата што се издвојуваат за превентивна здравствена заштита се наменети за зачувување и унапредување на здравствената состојба на населението, со посебен фокус на ранливите групи на граѓани (деца, бремени жени, стари лица, хронично болни, хендикепирани лица, социјално и економски загрозени семејства итн.).
Здружението ЕСЕ, од 2008 година, во континуитет го следи планирањето и имплементацијата на програмите за превентивна здравствена заштита на Министерството за здравство, со посебен фокус на програмите што се насочени кон унапредување на репродуктивното здравје на жените, здравјето на мајките и децата и здравјето на ромското население. Следењето на планирањето и имплементацијата на овие програми, преку примена на методологиите на социјална отчетност, има за цел да ги идентификува недостатоците во програмите, кои се резултат на нестратешкиот и несистематскиот пристап на јавните институции во нивното планирање и реализација, како и идентификување и оценување на директното негативно влијание предизвикано од ваквиот пристап врз уживањето на правото на граѓаните за пристап до здравствени услуги. Особено загрижува фактот што во текот на изминатите години превентивната здравствена заштита не претставува приоритет за Владата на РМ и Министерството за здравство, што пак може да се потврди со малиот износ на средства издвоени во рамки на буџетот на РМ за оваа намена и континуираните кратења и промени во рамки на постојните програмски активности и буџет.
Целта на оваа анализа е да се идентификуваат слабостите во планирањето и извршувањето на буџетот предвиден за превентивна здравствена заштита во периодот од 2012 до 2019 година и да се обезбедат препораки до одговорните институции за унапредување на пристапот на граѓаните до превентивните здравствени услуги преку почитување на основните стандарди за недискриминација, прогресивна реализација и обезбедување на максимално расположливи ресурси во планирањето и реализацијата на правото на здравје и здравствена заштита.
2019 | Извештај од спроведениот мониторинг и анализа на буџетот за превентивна здравствена заштита и негова реализација за периодот од 2012 до 2019 година |
Како макроекономските политики и практики во Република Македонија го ограничуваат пристапот до здравствени услуги и негативно влијаат врз него
Во услови на длабока економска нееднаквост, прашањето дали и како постојните макроекономски политики влијаат врз можноста на граѓаните да ги остваруваат своите економски и социјални права, со посебен фокус на правото на здравје, станува итен приоритет во нашето поле на работа. Оттука, за да се намали влијанието на макроекономските политики врз остварување на правото на здравје, нашата работа се фокусира на подобрување на системите за наплата на даноци/приходи во Македонија и на креирање на политики и практики за наплата на даноци/приходи според реалните потреби на граѓаните, обезбедување долгорочни здравствени политики и намалување на нивната зависност од странски фондови, унапредување на распределбата на јавните приходи врз основа на реалните потреби на граѓаните и унапредување на јавните расходи од аспект на нивно планирање и извршување.
Во однос на наплатата на даноци/приходи, ние се фокусираме на решавање на два конкретни предизвици, односно две потреби што доведуваат до неправди во нашиот даночен систем. Конкретно, при развивањето и примената на даночните политики и искористувањето на прибраните средства Владата не го зема предвид пристапот што се темели на човековите права. Како резултат на ваквиот пристап, донесените политики не се темелат на потребите и интересите на заедниците, посебно на потребите и интересите на сиромашните и маргинализираните групи или не се во согласност со нив.
Целта на оваа анализа е да се направи преглед на тековната ситуација во однос на планирањето и спроведувањето на политиките за наплата на даноци/приходи и да се покаже како тие влијаат врз остварувањето на правото на здравје. Освен тоа, овој документ има за цел да даде приказ на недостатоците идентификувани од страна на ЕСЕ, и во исто време има за цел да ја подигне јавната свест за предизвиците што може да ги донесе ваквата ситуација.
2018 | Како макроекономските политики и практики во Република Македонија го ограничуваат пристапот до здравствените услуги и негативно влијаат врз него |
Анализи од мониторингот на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката
Ракот на грлото на матката во светот учествува со 10 % во вкупниот број на малигни неоплазми. Тој е дванаесетти по честота и петти по смртност на рак кај жените во светот. На годишно ниво заболуваат околу 490 000 новорегистрирани жени или 16 од 100 000 жени годишно, а околу 9 од 100 000 жени умираат. Во Република Северна Македонија секоја година од рак на грлото на матката умираат околу 40 жени. Организираниот скрининг за превенција и рано откривање на рак на грлото на матката е најефикасна метода за откривање на предраковите промени или на рак во почетен стадиум кај жени што немаат никакви знаци на болест. Дополнително на тоа, овој вид на скрининг се спроведува преку релативно достапни и едноставни процедури кои не чинат многу. Односно за скрининг-преглед кај жени што немата симптоми доволен е гинеколошки преглед со ПАП-тест. Скринингот за рак на грлото на матката е од големо значење, бидејќи доколку се откријат предракови промени или рак во рана фаза, оваа состојба може потполно да се излекува со релативно едноставни медицински процедури и при тоа ова заболување нема да остави трајни последици по здравјето на жената и нема да го наруши квалитетот на животот. Согласно со меѓународно прифатените стандарди и протоколи во РС Македонија скринингот се спроведува помеѓу жени на возраст од 21 до 59 години кои во последните три години не направиле ПАП-тест. За успешно спроведена скрининг-превенција се смета доколку во период од три години се опфатат 75 % од целната популација на жени.
Земајќи го предвид значењето на скринингот за здравјето и животот на жените, Здружението ЕСЕ од 2012 година започна со спроведување на континуиран мониторинг на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката, која претставува компонента од Програмата за рана детекција на малигни заболувања на Министерството за здравство. При тоа вршиме мониторинг на спроведувањето на програмските активности, како и мониторинг и анализа на буџетот наменет за оваа програма. Преку мониторингот секоја година ги утврдуваме проблемите во планирањето и спроведувањето на Програмата кои водат кон многу низок опфат на жените со оваа скрининг-програма. Воедно, мониторингот на буџетот на оваа програма ни овозможува да дадеме увид како несоодветното планирање и реализирање на буџетските средства негативно се одразува врз здравјето на населението. Имено, утврдените недостатоци во програмскиот и буџетскиот дел на оваа програма резултираат со фактот дека во РС Македонија секоја година умираат околу 40 жени од рак на грлото на матката, додека околу 350 жени годишно се лекуваат на Клиниката за онкологија со агресивни третмани со хемотерапија и зрачење. Покрај спроведување на мониторинг на национално ниво, ЕСЕ спроведува и мониторинг во заедницата со цел да се утврди опфатот на жените Ромки со оваа програма, како и бариерите со кои се соочуваат во пристапот до здравствените услуги од Програмата.
Наодите ги користиме за да подготвиме предлог-мерки за унапредување на планирањето, спроведувањето и мониторингот на Програмата, како и за унапредување на процесот на планирање и реализација на буџетските средства за оваа програма. Врз основа на наодите и предлог-мерките спроведуваме застапување насочено кон Министерството за здравство за да се унапреди опфатот на жените со оваа програма, а воедно ја запознаваме и јавноста преку медиумско застапување.
Извештаи од годишниот мониторинг на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката
Анализи од мониторингот на Програмата за скрининг на рак на дојка
Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените во светот и во Република Северна Македонија. Во просек секоја осма жена во својот животен век ќе се соочи со оваа болест. Воедно, ракот на дојка е водечка причина за смртност и претставува глобален проблем. Но, со детекција и откривање на болеста во рана фаза се намалува смртноста и до 30 %. Мамографијата може да го детектира карциномот во неговата претклиничка фаза. Во повеќе од 30 земји во светот постојат организирани национални програми за рано откривање на рак на дојка, т.н. скрининг, што подразбира редовни мамографски прегледи на одреден временски интервал на жени на одредена возраст, кои се навидум здрави, односно немаат клинички симптоми на рак на дојка.
Министерството за здравство секоја година во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања усвојува Програма за скрининг на рак на дојка. Здружението ЕСЕ земајќи го предвид значењето на скринингот на рак на дојка за здравјето и добросостојбата на жените во државата спроведува периодичен мониторинг на Програмата на Министерството за здравство. При тоа спроведуваме мониторинг на реализацијата на програмските активности, како и мониторинг на буџетот на Програмата, вклучувајќи го начинот на планирање и алокација на средствата, како и начинот на трошење на предвидените средства.
Наодите од мониторингот укажуваат на низа проблеми во планирањето и спроведувањето на оваа програма, како од програмски, така и од буџетски аспект, што резултира со минимален опфат на жените, кои низ годините се движи од 1 до 3% од целната возрасна група на жени. Покрај спроведување на мониторинг на национално ниво, ЕСЕ спроведува и мониторинг во заедницата со цел да се утврди опфатот на жените Ромки со оваа програма, како и бариерите со кои се соочуваат во пристапот до здравствените услуги од Програмата.
Наодите од мониторингот ги користиме во нашето застапување пред Министерството за здравство преку кои бараме зголемување на финансиските средства и унапредување на спроведувањето на активностите за да се зголеми опфатот на жените со оваа програма.
Извештаи од мониторингот на Програмата за скрининг на рак на дојка
Анализи од мониторингот на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата
Здравствената заштита на мајките и децата е насочена кон сите жени во репродуктивниот период, односно на возраст од 15 до 49 години, доенчињата, малите деца, децата на училишна возраст и адолесцентите. Обезбедувањето на навремена, соодветна и на квалитетна здравствена заштита на мајките и децата не само што го унапредува нивното здравје и квалитетот на животот туку придонесува и за соодветен ран детски развој, здраво детство, што на долг рок обезбедува правилен раст и развој на поединецот со долгорочни придобивки и за поединците и за заедниците и за целото општество.
Министерството за здравство секоја година усвојува Програма за активна здравствена заштита на мајките и децата со следните цели: 1. Континуирано унапредување на системот на мониторирање на здравствениот статус на мајките и децата и ефикасност на здравствената заштита; 2. Подигање на информираноста и едуцираноста на населението за здрави животни стилови и правилно здравствено однесување во преконцепциски, антенатален, постнатален и во доенечкиот период, со фокус на ранливите категории на жени (жени Ромки, жени од руралните подрачја и лица без идентификација); 3. Унапредување на квалитетот и еднаквоста во пристапот до здравствени услуги за мајките и децата, со посебен фoкус на ранливите категории жени; 4. Навремено откривање на заболувањата кај новороденчињата, доенчињата и малите деца; 5. Јакнење на меѓусекторската соработка и мобилизирање на партнерството во заедницата на сите релеванатни партнери во идентификација и решавање на здравствените проблеми на мајките и децата, особено во намалување на бариерите и зголемување на достапноста на услугите; 6. Обезбедување на навремен и ран пристап на секоја бремена жена до квалитетна антенатална здравствена заштита (отстранување на сите видови на географски, финансиски и на културолошки бариери, особено кај ранливите групи).
Земајќи го предвид значењето на оваа програма за унапредување на здравјето и здравствената заштита на мајките и децата, со посебен фокус на ранливите заедници, Здружението ЕСЕ од 2011 година започна со спроведување на редовен мониторинг на оваа програма на годишно ниво. При тоа спроведуваме мониторинг на програмските активности, како и мониторинг на буџетот на програмата, при што го следиме процесот на планирање и алокација на буџетските средства за програмата, како и начинот на нивно трошење. Воедно, следиме дали буџетските средства придонесуваат за остварување на целите на програмата, како и колку финансиски средства се одвојуваат за спроведување на активности наменети за ранливите и маргинализираните заедници. Мониторингот го спроведуваме на национално ниво, како и на ниво на ромската заедница со цел да го утврдиме опфатот на мајките и децата од оваа заедница со здравствените услуги предвидени во Програмата.
Клучните наоди од мониторингот се дека во текот на годините се бележи несоодветно спроведување на активностите насочени кон промоција на здравјето, особено во ромските и маргинализираните заедници. Воедно се бележи и уназадување во планирањето на Програмата, што може да се нотира преку фактот дека речиси сите здравственоедукативни и здравственопромотивни активности се отстранети од Програмата, иако тие беа планирани повеќе години наназад. Дополнително на тоа, не постои конзистентност во планирањето, при што многу често се нотираат промени во видот и во обемот на планираните активности во оваа програма од година во година, па дури се бележат измени и во текот на годината.
Извештаи од мониторингот на Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата
Анализи од мониторингот на Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите
Министерството за здравство секоја година ја усвојува и спроведува Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите. Целта на систематскиот преглед е: следење на физичкиот и психосоцијалниот развој, рана детекција на здравствени проблеми и навремен третман, рано препознавање на ризични видови на однесување – детекција на бихејвиорални ризици, едукација за усвојување на здрави животни стилови, едукација за важноста на навремена и целосна вакцинација.
Воедно низ годините, во рамки на Програмата, Министерството за здравство предвидуваше мерки и активности за опфат со систематски прегледи за деца од ранливите и маргинализираните заедници, односно деца што се надвор од образовниот систем, деца што не посетуваат редовно училиште и деца без здравствено осигурување.
Земајќи предвид дека во ромската заедница се нотираат случаи на деца што се надвор од образовниот систем или деца што не посетуваат редовно училиште, Здружението ЕСЕ ја посвети својата работа на мониторинг на оваа програма, која е значајна за правилниот раст и развој на децата. При тоа спроведуваме мониторинг на програмската реализација, како и мониторинг на буџетот на Програмата, вклучувајќи го начинот на планирање и алоцирање на буџетските средства, како и начинот на реализација на буџетските средства. Воедно, посебен дел посветуваме и на анализата на одвоените финансиски средства наменети за ранливите групи на ученици.
Наодите од мониторингот покажаа дека прегледите доследно се спроведуваат помеѓу децата што се во редовниот образовен систем. Меѓутоа, активностите наменети за децата од маргинализираните средини не се спроведуваат во планираниот и потребен обем, при што од оваа програма се изоставени децата што имаат најголема потреба од ваков вид на прегледи. Наодите од мониторингот Здружението ЕСЕ ги користи во своите напори за застапување со барање за предвидување и доследно спроведување на активностите за идентификација на деца што се надвор од образовниот систем и нивно соодветно опфаќање со систематски прегледи.
Извештаи од мониторингот на Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите
Анализи од мониторингот на Програмата за ретки болести
Ретките болести се карактеризираат со мноштво различни знаци и симптоми, кои не само што се разликуваат помеѓу различните заболувања туку се разликуваат и помеѓу различни пациенти што боледуваат од иста болест. Поради малиот број на пациенти што боледуваат од некоја ретка болест, медицинската експертиза и знаењата се ограничени, истражувањата се малубројни, а здравствената заштита е несоодветна. Воедно достапноста на лековите за ретките заболувања е ограничена, а цените за одредени лекови се доста високи.
Поради сето тоа многу често се случува пациентите со ретки болести да бидат погрешно дијагностицирани или пак долго време да не може да се открие дијагнозата, што води и кон одложување на навременото започнување со третман. Сето тоа води кон појава на попреченост кај пациентите со ретки болести, намален квалитет на живот, како и потреба од нега и грижа од трети лица.
Здружението ЕСЕ во насока на поддршка на сите граѓани да ги остварат своите здравствени права се приклучи кон Националната алијанса за ретки болести преку која обезбедува експертска поддршка на организациите на пациенти со ретки болести со цел да ги застапува правата на овие лица за навремена дијагностика и навремен и соодветен третман.
Во РС Македонија терапијата за пациентите со ретки болести се обезбедува преку Програмата за ретки болести на Министерството за здравство. До 2013 година преку Програмата се издвојуваа 40 милиони денари, но имајќи ја предвид високата цена на чинење на терапијата за ретки болести, со овие средства се обезбедуваше терапија само за мал број на пациенти за само една дијагноза. Преку мониторингот и анализата на буџетскиот и програмскиот дел од Програмата обезбедивме основа за застапување за организациите на пациенти со цел да бараат зголемување на буџетските средства за Програмата, како и зголемен број на пациенти и дијагнози за кои ќе се обезбеди третман преку оваа програма.
Преку континуираниот буџетски мониторинг од страна на ЕСЕ и застапувањето од страна на организациите на пациенти во текот на годините се зголемуваше буџетот на Програмата и со тоа се опфаќаа сè поголем број на пациенти и дијагнози кои се лекуваат преку оваа програма.
Извештаи од мониторингот на Програмата за ретки болести
Анализа од мониторингот на Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата во Република Македонија
Здравствените услуги за породување во јавните здравствени установи се бесплатни за жените во РС Македонија. При тоа за сите жени што имаат здравствено осигурување, поголемиот дел од трошокот за породувањето во јавните здравствени установи се исплаќа од страна на Фондот за здравствено осигурување, додека партиципацијата за породувањето се исплаќа од државниот буџет преку Програмата за партиципација на Министерството за здравство.
Здружението ЕСЕ во својата работа на намалување на доенечката смртност, како и во работата на мониторингот во заедницата за услугите поврзани со породување, утврди релативно низок степен на задоволство на жените од здравствените услуги поврзани со породувањето. Во таа насока предмет на оваа анализа е да се утврди дали Владата на РС Македонија издвојува доволно средства за покривање на партиципацијата за породувањата во периодот од 2013 до 2018 година.
Преку анализата утврдивме дека Министерството за здравство секоја година не планира да ја покрие партиципацијата за сите породувања во јавните здравствени установи во Македонија. Истото се однесува како за неоперативните, така и за оперативните породувања. Поради тоа јавните здравствени установи во периодот од 2013 до 2017 година не добиле 118 623 767 денари поради неисплатената партиципација за породувања. Праксата во Програмата на годишно ниво да се планираат долгови е негативна, бидејќи негативно се одразува врз работата на јавните здравствени установи кои ги испорачуваат услугите а за тоа не ги добиваат потребните средства навремено.
2018 | Министерството за здравство со години наназад покрива само дел од потребниот износ за партиципација за породувањата извршени во јавните здравствени установи |