На 28.04.2026 година ЕСЕ одржа брифинг за медиуми на кој беа презентирани наодите од мониторингот на спроведувањето на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката.

Анализата покажува дека Македонија е далеку од потребниот опфат на жени со скрининг, неопходен за навремено откривање и превенција на ова заболување. Во периодот 2023–2025 година со скрининг биле опфатени околу 149.000 жени, односно 32%, што е значително под предвидената цел од 75%.

ЕСЕ укажа дека нискиот опфат, недоволните финансиски средства, недостигот од матични гинеколози во речиси 40 општини, како и недоволната едукација и информирање на жените, сериозно ја ограничуваат ефективноста на програмата. Дополнително, беше истакната потребата од воведување ХПВ тест како посовремена и поточна метода за скрининг.

Работата на полето на унапредување на скринингот на ракот на грлото на матката е спроведено во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“. Проектот го спроведуваат партнерските организации  ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Содржината на ова соопштение е единствена одговорност на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ и Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.