Мониторингот на проактивната транспарентност на јавните институции претставува редовна активност на Здружението ЕСЕ, која се спроведува повеќе од една деценија. Во континуитет, ЕСЕ следи дали институциите самостојно, навремено и на разбирлив начин ги објавуваат клучните информации и документи од јавен интерес, со цел граѓаните да можат да го следат нивното работење и да бараат отчетност.

ЕСЕ тргнува од ставот дека транспарентноста и отчетноста се основни предуслови за подобри јавни политики и поквалитетни и поправедни јавни услуги, особено за граѓаните кои се во поголем социјален и економски ризик. Кога институциите проактивно ги објавуваат клучните документи, особено оние поврзани со планирање, распределба и трошење на јавните средства, се зајакнува јавната контрола, се намалуваат ризиците од неефикасно и нетранспарентно трошење, и се создаваат услови за аргументирана јавна дебата и учество.

Во рамки на ова истражување ја анализиравме проактивната транспарентност на дел од јавните институции кои континуирано ги мониторираме, односно следиме дали тие самостојно (без да чекаат барање за пристап до информации) ги објавуваат на своите веб-страници клучните документи што им овозможуваат на граѓаните, медиумите и граѓанските организации да го следат нивното работење, трошењето на јавните пари и спроведувањето на јавните политики. Проактивната транспарентност не е само „формално присуство“ на информации, туку предуслов за јавна отчетност, контрола на ризици од корупција, и доверба во институциите.

Индекс на проактивна транспарентност на јавните институции – 2025