Правото на слободен пристап до информации од јавен карактер е основно демократско право и клучен елемент за транспарентно, одговорно и отчетно работење на јавните институции. Тоа не само што овозможува на граѓаните да се информираат за активностите на институциите, туку и ги зајакнува нивните можности за учество во донесувањето одлуки, следење на јавни политики и борба против корупцијата. Според Transparency International, правото на пристап до информации е „не само човеково право, туку и суштински инструмент што им овозможува на граѓаните да бараат одговорност од владите и да учествуваат во јавниот живот“, вклучувајќи и дебата за јавни политики како здравство, образование и буџети.

На меѓународно ниво, организации како Светската банка ја промовираат транспарентноста во јавниот сектор како критичен предуслов за развој, нагласувајќи дека политики за пристап до информации и отворени податоци го зајакнуваат владеењето на правото, јавната отчетност и квалитетот на јавните услуги.

Во рамките на OECD Government at a Glance 2025 се посочува дека транспарентноста на јавните информации е важен индикатор за довербата на граѓаните во институциите и за квалитетот на управувањето со јавните ресурси.

Реактивната транспарентност се однесува на способноста на институциите да одговорат на конкретни барања за информации од јавниот карактер доставени од граѓани, медиуми, НВО или други правни лица. Тоа значи дека информацијата не се објавува автоматски, туку институциите мораат да одговорат по барање. Овој извештај ја мери оваа реактивна способност преку шест параметри опфатени во методологијата (визуелизирани подолу), и ја оценува навременоста и доследноста на одговорите.

Извештај за нивото на реактивна транспарентност на дел од јавните институции од здравствениот сектор во РСМ за 2025 година