Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) го објави извештајот „Education at a Glance 2026“ (Образованието низ бројки 2026), кој содржи меѓународно споредливи податоци за образованието, образовните достигнувања, финансирањето, наставниот кадар и поврзаноста меѓу образованието и вработувањето.

Извештајот, објавен на 29 септември 2026 година, укажува дека, и покрај напредокот во образованието, значајни родови нееднаквости и понатаму постојат, особено во однос на приходите, застапеноста на жените на раководни позиции и нивното учество во високото образование.

Жените заработуваат помалку од мажите и покрај образовните квалификации. Според податоците на ОЕЦД, младите жени на возраст од 25 до 34 години во просек заработуваат од 15 до 19% помалку од мажите на иста возраст, зависно од степенот на образование. Кај жените на возраст од 45 до 54 години, разликата во приходите изнесува од 20 до 23%. Овие податоци покажуваат дека образованието само по себе не е доволно за надминување на родовите нееднаквости во економската положба на жените.

Жените се мнозинство меѓу наставниот кадар, но се помалку застапени на раководни позиции. Во земјите на ОЕЦД, жените сочинуваат 96% од наставниот кадар во предучилишното образование и 83% во основното образование. Сепак, во основното образование тие заземаат само 67% од раководните позиции. Во високото образование, жените претставуваат 46% од наставниот кадар. Овие разлики укажуваат на нееднаквата застапеност на жените на различни нивоа на образовниот систем и во процесите на управување и одлучување.

Родовите разлики се присутни и во меѓународното високо образование. Жените сочинуваат 51% од меѓународните студенти што започнуваат додипломски студии и 52% од оние што започнуваат магистерски студии, но нивното учество се намалува на 45% кај докторските студии.

Извештајот истовремено покажува дека младите мажи почесто од младите жени немаат завршено средно образование. Во 2025 година, 14% од мажите на возраст од 25 до 34 години немале завршено средно образование, наспроти 11% од жените.

Наодите на ОЕЦД ја нагласуваат потребата политиките за родова еднаквост да не се ограничуваат само на обезбедување еднаков пристап до образование, туку да ги опфатат и можностите за професионален развој, напредување, учество во одлучувањето и остварување еднакви економски права.

Извор: OECD (2026), Education at a Glance 2026: OECD Indicators, OECD Publishing, Paris.

Целосниот извештај е достапен на: https://doi.org/10.1787/b4968bbc-en