На 02.04.2026 година, во Прилеп реализиравме едукативна работилница посветена на здравјето на мајките и децата, со посебен акцент на мајчиното ментално здравје. На работилницата учествуваа 19 жени – трудници и мајки кои се породиле во изминатите шест месеци.

Учесничките добија практични и корисни информации за тоа како да го унапредат своето здравје за време на бременоста, што е нормално да се случува во овој период, како и кои се најчестите ризици и можни здравствени проблеми. Дополнително, жените се запознаа со промените што се случуваат по породувањето, нормалните појави и знаците кои може да укажат на одредени здравствени потешкотии.

Посебен дел беше посветен на грижата и стимулирањето на развојот на бебињата и малите деца од 0 до 3 години. Учесничките добија насоки за правилна грижа, рана стимулација и препознавање на потребите на децата.

Работилницата вклучи и сегмент за мајчиното ментално здравје, во кој беа опфатени најчестите предизвици за време на бременоста и по породувањето. Жените учеснички активно се вклучија во дискусијата и ги споделија своите проблеми и предизвици со кои се соочуваат, како во текот на бременоста, така и по породувањето. Тие истакнаа дека е особено важно и нивните партнери да бидат едуцирани за мајчиното ментално здравје, со цел да можат подобро да ги разберат и поддржат во овој чувствителен период.

Учесничките изразија задоволство од работилницата и истакнаа дека стекнале нови знаења важни за сопственото здравје и за грижата и развојот на нивните деца.

Оваа работилница претставува континуитет во нашата работа за унапредување на мајчиното ментално здравје и зајакнување на поддршката за жените во периодот на бременост и мајчинство.

Работилницата е дел од проектот „Соработка во областа на здравството со Северна Македонија“, финансиски поддржан од Амбасадата на Франција во Северна Македонија.