Согласно GLOBOCAN 2022 (version 1.1) од 08.02.2024 година, податоците на светско ниво укажуваат дека ракот на грлото на матката е четврти најчесто дијагностициран рак кај жените, со 662.301 нови случаи годишно (14,1/100.000 жени), како и четврта најчеста причина за смрт од рак кај оваа популација, со 348.874 случаи годишно (7,1/100.000 жени).

Светската здравствена организација (СЗО) ја усвои Глобалната стратегија за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем, чија главна цел е потполно спречување на појавата и смртноста од ракот на грлото на матката. Важно е да се нагласи дека преку оваа стратегија светот за првпат се обврза на елиминација на смртноста од еден вид карцином.

За да се постигне оваа цел, неопходно е да се исполнат следните услови:

  • до 2030 година да се постигнат целите 90-70-90: 90% од девојчињата да бидат целосно вакцинирани со HPV вакцина до 15-годишна возраст; 70% од жените да бидат скринирани со високо ефективен тест до 35-годишна возраст и повторно до 45-годишна возраст, при што прва препорака е користење ХПВ ДНК тест; и 90% од жените кај кои е утврдено заболување на грлото на матката да добијат третман, односно 90% од жените со преканцерозни состојби да бидат третирани и 90% од жените со инвазивен карцином да бидат соодветно третирани;
  • математичките модели покажуваат дека постигнувањето на целите 90-70-90 до 2030 година во земјите со низок и понизок среден приход би можело да спречи 300.000 смртни случаи до 2030 година, над 14 милиони до 2070 година и над 62 милиони до 2120 година.
  • да се достигне праг од 4 случаи на 100.000 жени-години за елиминација на ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем;

Скрининг само на хартија – Зошто жените сè уште немаат пристап до организиран, достапен и ефективен скрининг за рак на грлото на матката – Извештај од спроведениот мониторинг на Програмата за скрининг на рак на грлото на матката за 2025 година