Menu Navigation

  • esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4, 1000 Скопје

Здравствени трошоци и буџет

ЗДРАВСТВЕНИ ТРОШОЦИ И БУЏЕТ

Финансирањето во здравството претставува една од основните функции на здравствениот систем која може да овозможи придвижување кон постигнување на универзален опфат со здравствена заштита преку унапредување на ефективноста на здравствените услуги и финансиска заштита на граѓаните. Во таа насока државата треба да ги искористи максимално расположливите средства за здравствена заштита и да мобилизира што повеќе ресурси со цел прогресивно да се обезбеди правото на здравје, а воедно да осигури ефикасно трошење на здравствените буџети.

Спроведуваме континуиран мониторинг на здравствените буџети, со фокус на превентивните програми на Министерството за здравство и буџетот за превентивна здравствена заштита со цел да го следиме алоцирањето и трошењето на буџетските средства за оваа намена.

Го проценуваме влијанието на макроекономските политики врз здравствените буџети и остварувањето на здравствените права на граѓаните, со посебен фокус на ранливите и маргинализираните групи од населението.

Ги јакнеме капацитетите на граѓанските организации за примена на методологијата за мониторинг и анализа на буџети за остварување на правото на здравје преку спроведување на обуки и преку менторска и експертска поддршка.

ЗА ПРАШАЊЕТО

Во Р. Северна Македонија најмалку 40 000 граѓани се соочуваат со значителни финансиски тешкотии заради лични трошоци што ги прават при добивање на здравствена заштита. На глобално ниво Северна Македонија е меѓу државите со најниска јавна потрошувачка за здравствена заштита како процент од БДП.  Иако во последните две децении владините трошоци за здравство, забележаа значително зголемување во последните две децении, сепак во последната деценија се бележи зголемување на приватните трошоци за здравство. Овие клучни показатели укажуваат дека државата не се придржува до основните принципи за искористување на максимално расположливите средства за финансирање на здравствената заштита, ниту за прогресивно зголемување на финансиските средства за здравствена заштита. Воедно во последната деценија Министерството за здравство во континуитет не одвојува доволно буџетски средства за превентивна здравствена заштита за жените, мајките и децата. Недоволното издвојување на финансиски средства за здравствена заштита има директно негативно влијание врз здравјето и добросостојбата на населението, со посебен осврт на ранливите групи, што пред се е евидентно преку високиот број на починати жени од ракот на грлото на матката и ракот на дојката. Воедно Недоволното издвојување на финансиски средства за здравствена заштита води и до негативно влијание врз финансиската состојба на граѓаните, кои се приморани приватно да плаќаат за здравствените услуги.

ШТО ПРАВИМЕ НА ОВА ПРАШАЊЕ

Во континуитет вршиме мониторинг на буџетите на превентивните програми на Министерството за здравство со посебен фокус на Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања (компонентите за скрининг на рак на грлото на матката и скрининг на рак на дојка), Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата, Програмата за систематски прегледи на учениците и студентите. Преку мониторингот на буџетите ја следиме алокацијата на буџетските средства за овие програми, утврдуваме дали алоцираните буџетски средства се соодветни за постигнување на главните цели, утврдуваме колку буџетски средства се алоцирани за активности наменети за ранливи и маргинализирани заедници, а воедно ги следиме и промените во алокацијата на буџетските средства за овие програми во текот на годините. Следиме дали државата го почитува принципот за искористување на максимално расположливите средства за финансирање на превентивните програми. Ја следиме реализацијата на буџетските средства за превентивните програми, односно дали средствата се трошат за намената за којашто се предвидени, во колкав обем се трошат, при што посебен фокус ставаме на трошењето на буџетските средства наменети за активности помеѓу ранливите и маргинализирните групи од населението. Наодите од мониторингот на буџетите ги поврзуваме со наодите од мониторингот на имплементацијата на активностите и услугите предвидени во програмите, како и со наодите од мониторингот во заедницата за опфатот на ранливите групи од населението со програмите. Овој пристап ни овозможува да направиме директно поврзување со тоа како несоодветната алокација или несоодветното трошење на буџетските средства директно се одразува врз намалениот опфат на населението со активностите и услугите од програмите, како и со влијанието врз квалитетот на обезбедените услуги. Наодите од мониторингот на буџетите во корелација со наодите од програмскиот мониторинг ги користиме во нашите напори за застапување со цел да се зголемат буџетските средства за превентивните програми и нивно ефективно користење, односно да се зголеми опфатот на населението со предвидените мерки и активности, со посебен фокус на ранливите и маргинализираните групи од населенито. Воедно, фактот дека повеќе од една деценија ги следиме буџетите на овие програми ни овозможува навремено детектирање на разни појави, како што се намалување на алокацијата на буџетските средства за програмите или пак недоволна искористеност на буџетските средства, при што навремено и соодветно реагираме до надлежните институции, а воедно ја известуваме и јавноста и медиумите за неповолните промени во буџетите и како тоа се одразува врз здравствените услуги и здравјето на населението.

Нашето присуство во медиумите

Во предлог-буџетот за 2024 година се намалени речиси 400 милиони денари за превентивните програми за рана детекција на малигни заболувања, заштита на населението од СИДА, заштита на мајките и децата, имунизација, превентивна здравствена заштита, за превенција од кардиоваскуларни болести, споредбено со буџетот за 2021 година. Во предлог-буџетот за 2024 година има нешто помалку од 600 милиони денари за овие програми, што е поразително, ако се има предвид дека превенцијата и превентивните прегледи се сметаат за клуч за спречување на појавата на хронични заболувања, како и превенција на предвремена смртност од нив.

За Програмата за скрининг на рак на грлото на матката во РС Македонија се одвојуваат средства за да се покријат 25 % од жените. Со една успешна скрининг-програма треба да се опфатат 75 % од жените со скрининг на рак на грлото на матката. Развиените европски држави обезбедуваат опфат на жените над 75 % со скрининг-програмите за рак на грлото на матката и за рак на дојка. Како пример може да се земе Германија, која во изминатите години ја намали смртноста од рак на грлото на матката од 75 до 90 проценти. Тенденција е во наредните 10 години смртноста  да биде сведена на нула. А кај нас, за жал, сè уште околу 40 жени годишно умираат од овој карцином кај кој смртноста може да биде спречена. Кај нас нема ни доволен опфат со ХПВ-вакцинација, која е околу 50 проценти, а воедно не се спроведуваат ниту едукативни кампањи. Опфатот со Програмата за скрининг на рак на дојка е околу 1 процент, а над 300 жени годишно умираат од рак на дојка во РС Македонија.

За да се зголемат буџетите за превентивните програми, Здружението ЕСЕ, во соработка со Платформата за ХИВ, ХЕРА и Заедно посилни, спроведе активности за застапување насочени кон пратениците во Собранието на РС Македонија. Во рамки на овие активности од пратениците беше побарано да поднесат амандмани на предлог-буџетот во насока на зголемување на буџетските средства за превентивни програми согласно со реалните потреби.

Линк до нашата изјава: https://samoprasaj.mk/ziveacka/za-tri-godini-skrateni-se-400-milioni-denari-od-budjetot-za-programi-za-prevencija-od-bolesti/, објавено на 1 декември 2023.

ПУБЛИКАЦИИ

Како макроекономските политики влијаат врз расположливите средства за финансирање на јавното здравство во периодот од 2011 до 2018 година?

2019 година

Извештај од спроведен мониторинг и анализа на планирањето и реализацијата на средствата во буџетот на Министерството за здравство во периодот од 2012 до 2019 година

2019 година

Износот на издвоените средства за буџетот на Програмата за мајки и деца бележи пораст во периодот од 2017 до 2019 година, но е предмет на чести измени и дополнувања

2020 година

Процесите на прибирање и трошење на средствата наменети за справување со пандемијата со КОВИД-19 се нетранспарентни, а пак малкуте достапни информации се конфузни

2020 година

Прирачник за буџетска анализа и толкување на буџетски податоци наменет за граѓански организации во Република Северна Македонија

2020 година

ОСТАНАТИ ПУБЛИКАЦИИ

Пандемијата предизвикана од КОВИД-19 создаде непредвидлив и значителен притисок врз глобалната економија и јавните здравствени системи. Исто така, пандемијата придонесе за истакнување и зголемување на нееднаквоста и дискриминацијата помеѓу населението, а особено помеѓу ранливите групи на граѓани. Пандемијата особено придонесе за продлабочување на јазот помеѓу мажите/момчињата и жените/девојчиња, како и помеѓу различните етнички малцинства и лицата што припаѓаат на различен социјален статус. Пандемијата ги премина границите на здравствена криза и придонесе земјите, освен со здравствена криза, сè повеќе да се борат со криза на пазарот на труд, социјалната и економската криза. Како резултат на ваквата состојба, пандемијата претставува сериозна закана за егзистенцијата на граѓаните, а особено за ранливите и маргинализираните групи од населението.

Земајќи ја предвид оваа состојба, државата е должна да преземе низа мерки и активности кои не само што ќе го подобрат одговорот на здравствениот сектор кон пандемијата туку ќе го подобрат и животот и добросостојбата на граѓаните, како и нивниот пристап до сите потребни услуги. За преземање на овие мерки неопходни се дополнителни финансиски средства што првично државата не ги планира во државниот буџет.

Во оваа анализа дадовме осврт на користењето на средствата добиени со заем од Светска банка за проектот за брз одговор на последиците предизвикани од КОВИД-19, кој го спроведува Владата на Република Северна Македонија во вредност од 100 милиони УСД, а кој има за цел да се спречи, открие и да се одговори на заканата од КОВИД-19, како и да се зајакне и унапреди подготвеноста на јавниот здравствен сектор. Во анализата дадовме осврт на тоа колку средства се искористени од заемот, за кои намени се искористени, какво е нивото на транспарентност на институциите во однос на трошењето на средствата од овој заем, дали средствата се наменски потрошени, како и колку граѓани оствариле придобивки преку средствата од овој заем.

2021 Со 38.3 милиони УСД добиени со заем од Светската Банка, Владата се справуваше со последиците од COVID-19