• esem@esem.org.mk
  • Јавете се: +389 (0) 2 3298 295; 3298 296
  • ул. Максим Горки 20/1-4, 1000 Скопје

Што работиме 2017

Регионална обука за Мониторинг на Буџети и Застапување

Зошто е потребно застапување за соодветно финансирање на програмите за намалување на штети од користење дроги? Какви промени очекуваме да се постигнат со застапување за соодветно финансирање?

Овие прашања, а и многу други, се обидовме да ги одговориме на регионалната обука за мониторинг на буџети и застапување организирана од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, а со поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Тродневната обука која се одржа од 21 до 23 декември 2017 година, во хотел Романтик во Велес, ја спроведоа претставници на ЕСЕ – Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените од Скопје.

Учесниците на обуката се здобија со знаења кои ќе помогнат во нивните напори за обезбедување на финансиски средства од надлежните државни органи,  а беа опфатени теми кои ги посочуваат проблемите со кои се среќаваат организациите поради недоволни средства како и активностите кои можат организациите да ги преземат за да ги решат истите. Дополнително, се разгледа процесот на анализа на буџетот како основа за застапување за креирање на ефективен буџет како и постапките кои се важни во процесот на следење и анализа на буџетите.

На обуката, со по двајца претставници, учествуваа 6 граѓански организации од регионот кои спроведуваат програми за намалување на штети и кои се соочуваат со недостаток на финансирање на нивните програми по заминувањето на Глобалниот фонд: Превент – Србија, ДПНСЕЕ – Србија, Маргина- Босна и Херцеговина, ПРОИ  – Босна и Херцеговина, Јувентас – Црна Гора и ЦАЗАС – Црна Гора. Сите организации се членки на ДПНСЕЕ – Drug Policy Network South East Europe и спроведуваат програми за намалување на штети.


Новогодишна Забава – 14.12.2017

Новогодишната забава која ЕСЕ традиционално ја организира секоја година пред почетокот на новогодишните празници и оваа година беше реализирана на 14.12.2017 година. Со оваа активност ја потврдуваме нашата посветеност во работата со нашите клиенти, жените кои претрпеле семејно насилство, и воедно  ја продлабочуваме соработката со нашите постојани и нови пријатели и подржувачи. Донации за овогодинешната забава обезбедија: Ineer Wheel Club Skopje Europea, Н.У Театар за деца и младинци Скопје, Кожувчанка ДОО Кавадарци  и Стопанска Банка АД Скопје.

Изразуваме огромна благодарност до донаторите, како и до сите  наши поддржувачи и соработници за поддршката во организирањето на Новогодишната забава (обезбедување на пакетчиња и билети за претстава) за децата на жените кои претрпеле семејно насилство.


Информација за медиуми – 1600 граѓани од 4 општини со поддршка од ЕУ ќе ги оценуваат мерките за вработување

Денес, 14 декември 2017 година, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) и Здружението за унапредување на родовата еднаквост “Акција Здруженска”, склучија договори за доделување грантови со  четири граѓански организации од Струмица, Битола, Свети Николе и Тетово, во рамките на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост”, финансиски поддржан од Европската Унија ИПА Инструментот за граѓанско општество и програма за медиумите 2015 Поддршка за граѓанските организации во рамките на инструментот за акција во граѓанското општество 2015 .

Почнувајќи од јануари 2018 година, ЕСЕ и “Акција Здруженска”; Граѓанска иницијатива на жени ГИЖ Свети Николе; Организација на жените на општина Струмица; Здружение Женски Форум Тетово и Младинскиот Културен Центар од Битола заеднички ќе работат со граѓаните од овие општини со цел да се унапреди нивниот пристап до активните мерки за вработување на АВРМ.

Финансиската поддршка се доделува за мониторинг  и оценка  од заедницата на планирањето и имплементацијата на три селектирани активни мерки за вработување (Самовработување, Македонија вработува и Услуги за вработување на АВРМ) за 2017 и 2018 година, како и застапување со цел унапредување на родовата еднаквост при планирањето и имплементацијата на мерките, а врз основа на собрани наоди  и препораки од заедницата.  Преку примена на иновативни методологии за мониторинг на заедницата, организациите ќе работат на мобилизирање и зајакнување на капацитетите на околу 1600 граѓани, со цел тие самостојно да бараат: отчетност од институциите вклучени во креирањето, усвојувањето и имплементацијата на буџетите и мерките за вработување; отвореност и вклучување во процесите на креирањето, усвојувањето и имплементацијата на буџетите и мерките за вработување; крирање на буџет и мерки за вработување кои ќе одговараат на нивните реални потреби; неселективност и системско спроведување на мерките за вработување; ефикасно, економично и ефективно спроведување на буџетот и мерките за вработување; почитување на основните принципи на недискриминација, алокација на максимално расположливи ресурси и прогресивна реализација на буџетот за вработување; итн.

Со почит,

Дарко Антиќ,

Координатор за програмата за мониторинг и анализа на буџети и проектен координатор

Лица за контакт:

Дарко Антиќ, Здружение ЕСЕ, dantik@esem.org.mk, 00389 2 3298 295

Марија Савовска, Акција Здруженска, marijasavovska@gmail.com 00389 2 3215 660

 

Дополнителни информации за иницијативата

Што претставува и кон што се стреми имплементацијата на проектот  Социјална отчетност за родова еднаквост“?

Општата цел на проектот е да се формира национална граѓанска мрежа заради унапредување на општествената одговорност за родова еднаквост.  Најмалку шест (6) организации-членки на мрежата ќе усвојат рамка за граѓанско учество на жените; ќе користат ефективни методологии за оспособување на жените да ја држат владата на одговорност; и ќе се залагаат за родово-одговорно буџетирање и испорака на услуги прилагодени кон потребите на жените.

Посебните цели на проектот се: (1) следење и оценување на ефикасноста и ефективноста на буџетските трошоци и обезбедување услуги во областа на активните мерки за вработување; (2) подигање на капацитетите на локалните НВО и локалните заедници (жените и мажите) за примена на методологии за социјална отчетност при застапување за родова еднаквост; и (3) подобрување на јавната видливост на прашањата за транспарентност, отчетност и одговорност при на родовото планирање и буџетирање на политиките за вработување, како и нивната имплементација.

Од реализацијата на проектот се очекуваат следниве конкретни резултати: (1) мапирани релевантни локални и национални институции, како и локалитети и заедници; (2) мониторинг и анализа на најмалку две активни програми за вработување предвидени во годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување во две последователни години (2017 и 2018 г.); (3) мониторинг во заедницата и оцена на избраните активни мерки за вработување од родова перспектива; (4) најмалку 10 невладини организации запознаени и обучени за концептот на општествена одговорност; (5) грантови обезбедени за најмалку 4 НВО во врска со преземање активности на застапување за родова еднаквост врз основа на собраните наоди; (6) приближно 1600 членови на заедницата (жени и мажи) зајакнати и активно вклучени во активности на застапување; (7) менторство обезбедено на избраните невладини организации за примена на методологијата за социјална отчетност во областа на активните мерки за вработување; (8) организирани осум дебати за политиките (по четири годишно) со локалните чинители во секоја од избраните  локални заедници; (9) организирани две национални конференции (по една годишно); и (10) организирани две годишни јавни кампањи.

Што досега е направено во текот имплементацијата на проектот?

Досега во рамки на проектот Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска спроведоа низа на активности во насока на оценување на начинот на имплементација на политиките и мерките за вработување во РМ; јакнење на капацитетите на 11 граѓански организации за мониторинг на мерките за вработување на локално ниво преку примена на методологиите за социјална отчетност; оценување на економичноста, ефикасноста и ефективноста во користењето на јавните пари за спроведување на политиките на вработување на национално ниво; итн.

Наодите покажуваат дека најголема стапка на невработеност се бележи во општина Тетово (8.396 лица), Куманово (7.508 лица), Прилеп (6.716 лица), Битола (5.615 лица), Гостивар (4.973 лица), Охрид (3.763 лица), Кичево (3.411 лица), Велес (3.105 лица) , Струга (3.002 лица) и Крива Паланка (2.7416 лица). Во периодот на месец октомври 2017 година, Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска спроведоа две три дневни обуки наменети за јакнење на капацитетите на 30 претставници од 11 граѓански организации кои доаѓаат од девет општини од РМ, односно од општините со најголем број на невработени лица. За време на обуките претставниците на граѓанските организации беа обучени за примена на методологиите за социјална отчетност и запознаени со националните политики и активните мерки за вработување (повеќе информации на http://esem.org.mk/ ).

Првичните резултати од спроведената анализа на податоците добиени од АВРМ во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер укажуваат на следното:  АВРМ и останатите јавни институции кои учествуваат во спроведувањето на политиките за вработува и афирмативните мерки за вработување немаат детална евиденција за обемот на имплементација на мерките и начинот на трошење на буџетските средства; во најголем дел мерките за вработување зависат од странски донатори и кредитори (УНДП, ЕУ и Светска Банка); најголем дел од одлуките за начинот на спроведување на афирмативните мерки се донесуваат од страна на УНДП, а пак националните домашни институции имаат само улога на посредување; при имплементацијата на афирмативните мерки за вработување главно АВРМ префрлува средства од буџетот на државата кон буџетот на УНДП, а притоа нема евиденција за начинот на трошење на средствата понатаму во текот на процесот и нема пристап до ваков тип на податоци;итн.

Проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” започна на 01 јануари 2017, и ќе трае до 31 декември 2019 година.

Повеќе информации за проектот и состојбите можете да најдете на следните линкови:

http://esem.org.mk/index.php/sto-rabotime/13-shto-rabotime/2751-socijalna-otcetnost-za-rodova-ednakvost.html

–  http://esem.org.mk/index.php/shto-rabotime-sega/2848-vtor-modul-od-obukata-socijalna-otcetnost-za-rodova-ednakvost.html

http://esem.org.mk/index.php/shto-rabotime-sega/2837-prv-modul-od-obukata-%E2%80%9Csocijalna-otcetnost-za-rodova-ednakvost%E2%80%9D.html


Средба за развивање на стратегии за застапување со цел унапредување на пристапот на мајките и децата од ромските средини до превентивни здравствени услуги

Во просториите на Здружението ЕСЕ денес, 05.12.2017 год, се одржа втората по ред средба за развивање на стратегии за застапување на локално ниво со цел унапредување на пристапот на мајките и децата од ромските средини до превентивни здравствени услуги.  Стратегиите за застапување на локално ниво предвидуваат низа на активности насочени кон локални јавни институции со цел преземање на мерки за решавање на проблемите со кои се соочуваат мајките и децата од Ромските средини во пристапот до услуги за превентивна здравствена заштита. Развивањето на стратегиите е финансиски поддржано од Фондацијата Отворено Општество Македонија и Фондациите Отворено Општество од Њујорк и се дел од редовните активности на ЕСЕ и партнерите.


Одржана средба на комитетот за доделување на грантови на локални граѓански организации за спроведување на акции на локално ниво поддржани од ЕУ

Денес, 27.11.2017 год,  се одржа работната средба на комитетот за разгледување на апликации добиени од граѓански организации за доделување на грантови за спроведување на акции за унапредување на пристапот на граѓаните до активните мерки за вработување и родова еднаквост. На  средбата беа разгледувани апликации добиени од  10 граѓански организации, од кои комиетот даде позитивна оценка за поддржување на четири и тоа: ГИЖ Свети Николе, Организација на жените на општина Струмица, Женски Форум Тетово и Младински Културен Центар Битола.

Поддршката на граѓанските организации е дел од активностите на Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска поддржани од Европската Унија како дел од проектот „Социјална Отчетност за Родова Еднаквост”.


Колку пари се издвојуваат за третман на ретките болести


Работилница за развој на стратегија за застапување за унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на јавните институции

На 01 декември 2017 година, за потребите на ЕСЕ, беше спроведена работилница за развивање на стратешки план за застапување за унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето на јавните институции во РМ фацилитирана од Елена Готовска, експерт за стратешко планирање. Работилницата е дел од редовните активности на ЕСЕ за унапредување на фискалната транспарентност поддржани од ФООМ.


ЕСЕ организираше почетна средба со судовите на 05ти декември 2017

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –  ЕСЕ во месец октомври оваа година започна со реализација на двегодишниот проект „Патот до правда за жени кои претрпеле семејно насилство“, финансиски поддржан од  Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави – УСАИД, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Основна цел на проектот кој го спроведува Здружение ЕСЕ е подобрување на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство, односно унапредување на кривичните и граѓанските судски постапки за заштита од семејно насилство.

На 05ти декември 2017 година во Скопје се организираше почетна средба со претседатели и судии од основните судови, со цел информирање за претстојниот проект и динамиката на заеднички активности. На настанот присуствуваа претставници од следните судови: Основен суд скопје 1, Основен суд Скопје 2, Апелационен суд Скопје, Основен суд Битола, Основен суд Тетово, Основен суд Гостивар, Основен суд Радовиш и Основен суд Прилеп.

Во рамките на оваа иницијатива во периодот кој следи ќе се работи на унапредување на судското постапување во предметите поврзани со семејно насилство, забрзување на реформите во кривично-правниот и граѓанско-правниот систем на заштита, како и обезбедување на бесплатна правна помош и психолошко советување за жените кои претрпеле семејно насилство.


Втора обука за параправници 01-03 декември 2017, Дојран

Здружение   ЕСЕ   во   рамки на   активностите   за   “Стандардизирање и   одржливост   на обезбедувањето на различни видови на бесплатна правна помош” подржанo од Фондацијата Отворено општество Македонија – ФООМ во рамки на активностите за правно зајакнување- Legal Empowerment Shared Framework 2017, во периодот 9-11 јуни во хотел Романтик, Велес ја одржи првата обука за параправници. Како продолжение на заложбите за континуирано јакнење на капацитетите на параправниците во периодот од 1-3 декември, 2017 година во хотел Романтик, Дојран се одржа втората по ред обука за параправници. Оваа обука овозможи надополнување и надоградување на веќе стекнатите знаења и вештините на параправниците на темите и прашањата од областа на  основната поделба на власт и извори на правото; казненото право и постапка; семејното  и  наследното  право;  граѓанската  постапка  и  семејното  насилство,  како  еден  од видовите на насилство.   Дел од обуката беше посветена на работа на случаи кои овозможија стекнатите знаења и вештини да се применат на различни видови на случаи кои беа предмет на интерес на оваа обука. На обуката присуствуваа 33 параправници (шест граѓански организации) кои обезбедуваат параправна помош и поддршка на различни ранливи групи на граѓани. Во насока на континуирано градење на капацитетите на параправниците,следната година планирани се низа на обуки на веќе утврдените прашања од интерес, како и на теми кои заеднички со параправниците беа утврдени при евалуација на веќе спроведените обуки.


Соопштение по повод Одбележување на 16 меѓународни дена активизам против насилството врз жените

ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!

На прагот на 10 годишнината од усвојувањето на првата Национална стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011, сакаме да ја алармираме општата и стручна јавност дека во изминатиот период државата не покажа ниту доволно волја, ниту алоцираше финансиски средства за справување со овој сериозен општествен проблем.

Како резултат на ваквиот однос од страна на државата, постои тренд на постојана висока застапеност на семејното насилство во изминатите 10 години. Истражувањата укажуваат дека најзастапено е психичкото насилство, по кое следат физичкото и сексуалното насилство (види фуснота 1) [1]. Во континуитет жените кои претрпеле семејно насилство се соочуваат со повеќе проблеми кои го оневозможуваат нивниот  пристап до правда.

Мерките за заштита од семејно насилство не се достапни на целата територија на државата,  а онаму каде што се достапни не се обезбедуваат на еднаков начин. Сеуште не е воведена системска едукација на стручните лица во институциите за работа со жени кои претрпеле семејно насилство, додека  нивото на координираност помеѓу надлежните институции е на многу ниско ниво.  Отсуствува и ефективна судска заштита за жените кои претрпеле семејно насилство[2]. Недоволно се афирмирани привремените мерки за заштита како една од законските можности за заштита на жените. Од друга страна сеуште е висок бројот на жени кои после пријавувањето на насилството се повлекуваат од понатамошно водење на кривична постапка. Ова особено се однесува на кривичното дело телесна повреда при семејно насилство.  Сеуште се применува поблага казнена политика кон сторителите на семејно насилство. За илустрација, иако за кривичното дело тешка телесна повреда сторено при вршење на семејно насилство е предвидена затворска казна од една до пет години, според податоците од процесот на судско набљудување од вкупно седум донесени пресуди, дури во пет предмети биле изречени условни осуди, во еден предмет е досудена ослободителна осуда, додека само во еден предмет била изречена затворска казна.

               Ваквите состојби се директен резултат на отсуството на волја и недоволното алоцирање на финансии од страна на државата за справување со семејното насилство. Ситуацијата е уште позагрижувачка поради фактот што обезбедената странска помош, односно финансиските средства алоцирани од страна на агенциите на Обединетите нации во државата за спроведување на првата национална стратегија на ова поле не беа соодветно потрошени и не придонесоа за надминување на погоре наведените недостатоци. Активностите за надминување на главните недостатоци во системот за заштита од семејно насилство кои беа усвоени уште пред 10 години никогаш не беа реализирани и институциите не го подобрија своето постапување во случаите на семејно насилство (види Анализа: Дали заедничката Програма на Агенциите на Обединети Нации (ОН) и Фондот за поддршка на ОН придонесоа за имплементирање на Националната стратегија за заштита од семејно насилство 2008-2011?

http://esem.org.mk/pdf/Publikacii/2017/National%20Strategy%20for%20Protection%20Against%20DV%202008-2011.pdf  

Во отсуство на соодветен институционален одговор, оваа година Здружение ЕСЕ ги одбележува 16те меѓународни дена активизам против насилството врз жените, преку организирање на јавна кампања за подигање на свеста во однос семејното насилство во нашето општество. Кампањата ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!  ја организираме со цел да ги охрабриме жените кои претрпеле семејно насилство да го пријават насилството и да се обратат во надлежните институции и организации за помош и поддршка (види промотивни материјали од Кампањата ОДБЕРИ КРАЈ. НЕ ПРИКРИВАЈ!http://kampanja.perfect.mk/). Прикривањето на семејното насилство дава лажна надеж дека работите ќе станат подобрие пораката која ја упатуваме преку овогодинешната кампања. Воедно, бараме од државата да покаже вистинска волја за справување со овој сериозен општествен проблем и да алоцира финансиски средства за ефективна заштита на жените кои претрпеле семејно насилство.

 

За подетални информации обратете се кај лицето Марија Гелевска од  од Здружение ЕСЕ, која можете да ја контактирате на тел.02 3298 295 или на емаил marijagelevska@esem.org.mk.

 

Соопштение по повод Одбележување на 16 меѓународни дена активизам против насилството врз жените

 

[1] Истражувањето за темната бројка на семејното насилство, 2000 година (Психичко – 61,5%, Физичко – 23,8 и Сексуално – 5%) ; Истражување Живот во сенка, 2007 година (Психичко – 56,4%, Физичко -17,7% и Сексуално 10,6%) и истражување спроведено за потребите на подготвка на Извештај во сенка кон Конвенцијата за елинирање на сите форми на дискриминација против жените, 2010 година, (Психичко – 64,8%, Физичко -27,7% и Сексуално 13,8%), сите спроведени од Здружение ЕСЕ.

[2] Врз основа на собрани податоци за 557 судски рочишта во кривични постапки и 188 рочишта во граѓански судски предмети во 10 судови во државата, во периодот март 2015 до февруари 2017, во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените.


Обезбедување одржливост на програмите за намалување на штети од употреба на дроги со средства од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари

Средствата од акцизите за пиво, за етил алкохол и за цигари, кои секоја година ги добива Министерството за здравство, наменети за унапредување на здравјето на граѓаните, претставуваат потенцијален извор на средства за финансирање на програмите за намалување на штети. Половина од овие средства наместо за обезбедување здравствена заштита се користат за тековни трошоци на Министерството.

Прочитајте повеќе на следниот линк (24 страна):

http://hops.org.mk/sites/default/files/mag9-final-web_0.pdf


Втор модул од обуката “Социјална отчетност за родова еднаквост”

Во периодот од 16 до 18 октомври 2017 година во хотел Романтик, Дојран беше спроведен вториот модул од обуката “Социјална отчетност за родова еднаквост” наменет за јакнење на капацитетите на 11 локални граѓански организации од Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Св. Николе, Битола, Штип и Струмица за примена на методологиите за социјална отчетност во насока на унапредување на родовата еднаквост во планирањето и имплементацијата на политиките за вработување во РМ.

Проектот го спроведуваат Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска, а е поддржан од ЕУ во рамките на ИПА Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите. Во рамки на вториот модул претставниците на граѓанските организации беа запознаени со политиката за вработување во РМ, афирмативните мерки за вработување како дел од политиката за вработување, како и подетално со значењето и начинот на имплементација на три мерки од Оперативниот план за вработување за 2017 година (самовработување, проектот Македонија вработува 2 и услугите за вработување на АВРМ).


Работилница за подготовка на локален план за застапување за унапредување на здравјето на мајките и децата и унапредување на гинеколошката здравствена заштита за жените во општината Шуто Оризари

Во периодот од 12 до 13 октомври 2017 година во хотел Арка во Скопје беше одржана работилница за подготовка на локален план за застапување за унапредување на здравјето на мајките и децата и унапредување на гинеколошката здравствена заштита за жените во општината Шуто Оризари.

На работилницата учествуваа 30 учесници од партнерските организации кои работат на интегрираниот концепт (социјална отчетност и правно зајакнување) во Шуто Оризари (ИРИЗ и ЦДРИМ), како и претставници од ЕСЕ и Фондацијата Отворено општество Македонија.

Работилницата се состоеше од едукативен дел и работен дел, во кој учесниците започнаа со подготовка на локалниот план за застапување.


Прв модул од обуката “Социјална отчетност за родова еднаквост”

Обуката “Социјална отчетност за родова еднаквост” се состои од два модули. Првиот модул од обука кој се одржа во периодот од 04 до 06 октомври, 2017 година во хотел Романтик, Дојран имаше за цел да ги запознае претставниците на присутните граѓански организации со методологиите кои ЕСЕ ги применува во своето работење од групата на методологии на социјална отчетност, како и да ги информира за активностите предвидени со проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” чија пак имплементација е финансиски поддржана од ЕУ. На првиот модул од обуката присуствуваа вкупно 30 претставници од 11 граѓански организации и претставници на ЕСЕ и Акција Здруженска.


Имам право да знам! – Кампања за одбележување на меѓународниот ден за слободен пристап до информации


Конференција за печат – Сегашноста и иднината на правото на пристап до информации од јавен карактер во Р. Македонија

Информација за медиуми

Наслов: Сегашноста и иднината на правото на пристап до информации од јавен карактер во Р. Македонија

На ден 28 септември 2017 година  (четврток) во МЕТАНОЈА литературно кафе, Скопје со почеток во 11:00 часот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) и Центарот за економски анализи (ЦЕА), одржаа конференција за печат под наслов „Сегашноста и иднината на правото на пристап до информации од јавен карактер во Р. Македонија“. Со оваа конференција за печат го одбележавме меѓународниот ден за слободен пристап до информации од јавен карактер “Имам право да знам”.         На конференцијата за печат Здружението ЕСЕ го промовираше краткиот документарен филм под наслов “Колку се транспарентни јавните институции во РМ”, а пак за време на истата се обратија м-р Дарко Антиќ, координатор на програмата за мониторинг и анализа на буџети од Здружението ЕСЕ; и Игор Митевски, помлад економист од ЦЕА.

И по 11 години од донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер граѓаните, граѓанските организации и новинарите сеуште се соочуваат со пречки во пристапот до информации од јавен карактер, а пак јавните институции се позатворени за јавноста.

Во таа насока, а со цел унапредување на пристапот до информации со кои располагаат јавните институции во РМ, ЕСЕ, БИРН и ЦЕА бараат од Владата на РМ да:

–  го избрише став 23 од Упатството за начинот на трезорското работење;

– воспостави систем за објавување на сите трансакции направени преку трезорските сметки на сите јавни институции во реално време (on line трезор);

– го збогати буџетските документи со презентирање на аналитички конта;

– ги објави сите програмски и буџетски документи со кои располагаат јавните институции на нивните интернет страници;

– ги зајакне капацитетите на општините за примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;

– го промовира правото за слободен пристап до информации од јавен карактер;

– осигури редовно ажурирање на официјалните интернет страници на општините и зајакнување на интерната комуникација помеѓу листа кои работат во општините;

– осигури дека сите институции задолжително ќе назначат лице за посредување со информации од јавен карактер, кое ќе биде запознаено со обврските кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и ќе дејствува во насока на обезбедување на поквалитетни одговори;

– да се доделат поголеми овластувања на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во насока на преземање на чекори за санкционирање на институции кои одбиваат да дадат информации;

– се усвои детални насоки за тоа што значи личен податок во постапка за слободен пристап до информации од јавен карактер; што значи класифициран податок; и како може некој податок да се класифицира.

Со усвојување на барањата ќе бидат надминати основните пречки идентификувани од трите организации во пристапот до информации од јавен карактер како што се:

–          Министерството за финансии, и по 11 години, информациите за трошењето на средства од буџетот на РМ ги смета за тајни податоци повикувајќи се на точка 23 дел IV од Упатството за начинот на трезорско работење;

–          Институциите на национално ниво се понетранспарентни од институциите на локално ниво;

–          Јавните институции ги користат своите овластувања и законските недоречености за заобиколување на постапката на слободен пристап до информации од јавен карактер и избегнување да обврската да споделат информација за своето работење. Најчесто институциите ги одбиваат доставените барања по образложение дека бараните информации се класифицирани, содржат лични податоци, или пак дека не располагаат со бараната информација;

–          Бирократските постапки за слободен пристап до информации од јавен карактер се долги макотрпни, а пак исходот од нив не е секогаш позитивен и задоволителен за барателот;

–          4 од 54 јавни институции се оценети како реактивно нетранспарентни институции, односно институции кои целосно го кршат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер;

–          18 од 54 јавни институции се оценети како институции кои делумо го почитуваат законот за слободен пристап до информации од јавен карактер;

–          21 од 22 институции се не објавуваат податоци за своето програмско и буџетско работење, односно се оценети како проактивно нетранспарентни институции;

–          континуирано се зголемува бројот на барања за информации од јавен карактер по кои јавните институции молчеле (во 2016 година биле поднесени 619 жалби поради молчење на јавната администрација, во 2015 година биле поднесени вкупно 961 жалба, во 2014 година биле поднесени 785 жалби, а пак во 2013 година 428);

 

–          едукативните работилници што ги спроведува КОМСПИ не придонеле кон унапредување и олеснување на пристапот до информации од јавен карактер што се потврдува со податоците изнесени претходно;

–          12 од 22 јавни институции, во 2016 година, на својата интернет страница немаат објавено листата на информации од јавен карактер, а пак КОМСПИ не располага со информации за тоа колку јавни институции ја имаат објавено и ја имаат ажурирано Листата на информации од јавен карактер. Иако за необјавување или пак неажурирање на листата на информации со кои располага институцијата, одговорното лице предвидено е да биде казнето со парична казна (член 42 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер);

–          10 од 22 јавни институции, во 2016 година, на својата интернет страница немаат објавено информации за лицето назначено како одговорно за посредување со информации од јавен карактер, а пак КОМСПИ не располага со информации за тоа колку јавни институции ја имаат објавено и ги имаат ажурирано овие информации;

–          Во просек 26% од општините во РМ не одговараат на поднесени барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.


Посета на локални граѓански организации во рамки на ЕУ проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” – Дебар и Гостивар

Како дел од подготвителната фаза во имплементацијата на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” поддржан од Европската унија во рамките на програмата IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015, на 12 јули 2017 година, Здружението ЕСЕ и партнерската организација Акција Здруженска посетија две организации од Дебар и Гостивар. Со посетите имавме за цел да ги запознаеме граѓанските организации со проектот и активностите предвидени со истиот, како и да го оцениме нивниот интерес за вклучување во нивната реализацијата. Во рамки на оваа активност беа посетени организациите Радика од Дебар и Етика од Гостивар.


Посета на локални граѓански организации во рамки на ЕУ проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” – Тетово и Теарце

Како дел од подготвителната фаза во имплементацијата на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” поддржан од Европската унија во рамките на програмата IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015, на 10 јули 2017 година, Здружението ЕСЕ и партнерската организација Акција Здруженска посетија две организации од Тетово и Теарце. Со посетите имавме за цел да ги запознаеме граѓанските организации со проектот и активностите предвидени со истиот, како и да го оцениме нивниот интерес за вклучување во нивната реализацијата. Во рамки на оваа активност беа посетени Женски Форум од Тетово и ЦЕД од Теарце.


Учество на претставници на Здружение ЕСЕ на Јавна расправа во Собранието на Р. Македонија на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија и Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Макед

Јавната расправа се одржа на тема: Предлог на Закон за изменување на Законот за работните односи.  Предлогот кој е поднесен од страна на две пратенички од Собранието се однесува на продолжување на платено отсуство за време на бременост, раѓање и родителство од сегашните 9 месеци на период во траење од 18 месеци.

На јавната расправа претставниците на Здружение ЕСЕ во излагањето посочија дека  продолжувањето на платеното отсуство ќе има негативно влијание врз еднаквото учество на жените на пазарот на трудот, а воедно поради дополнителното оптоварување на буџетот на Р. Македонија ова решение не е одржливо на долг рок. Притоа од страна на претставниците на Здружение ЕСЕ беа образложени препораките од Светската Здравствена Организација (СЗО) по однос на ова прашање.

Главната препорака на СЗО е обезбедување на платено породилно отсуство во времетраење од шест месеци , бидејќи во првите шест месеци се препорачува ексклузивно доење на новороденото. Понатаму останатите препораки на СЗО кои беа истакнати од страна на претставниците на ЕСЕ се: да се овозможат услови за грижа и доење на детето на работното место; да се обезбедат достапни установи (географски и економски достапни) за згрижување, нега и воспитување на новороденчиња и мали деца кои го промовираат и унапредуваат здравјето;  да се обезбеди финансиска поддршка за мајките кои не се вработени во формалниот сектор или пак се невработени; како и да се создадат услови за користење на платеното отсуство од страна на двата родители. Поради сето горе наведено претставниците на ЕСЕ истакнаа дека предвидените буџетски средства, наместо за продолжување на платеното отсуство можат да бидат искористени за исполнување на горенаведените препораки кои на долг рок ќе придонесат како за соодветно вклучување на жените на пазарот на трудот, така и за правилен раст и развој на децата.


Посета на локални граѓански организации во рамки на ЕУ проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” – Струмица и Штип

Како дел од подготвителната фаза во имплементацијата на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” поддржан од Европската унија во рамките на програмата IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015, на 12 јуни, 2017 година, Здружението ЕСЕ и партнерската организација Акција Здруженска посетија две организации од Струмица и Штип. Со посетите имавме за цел да ги запознаеме граѓанските организации со проектот и активностите предвидени со истиот, како и да го оцениме нивниот интерес за вклучување во нивната реализацијата. Во рамки на оваа активност беа посетени ОЖ Струмица и НВО ЕХО од Штип.


Форум за правна заштита на жените жртви на насилство, 15-16 јуни 2017

Во рамките на Проектот на УСАИД за правна заштита на жените во периодот 15-16ти јуни 2017 година, во хотел Рамада, Гевгелија, се одржа Форум за правна заштита на жените жртви на насилство. На настанот присуствуваа претседатели и судии од основните судови, судија од Апелационен суд, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и надлежните институции кои имаат законски мандат да постапуваат во предметите на насилство врз жените. На форумот учествуваше и претставник на УСАИД, како и организациите со кои ЕСЕ соработува во спроведувањето на овој проект, Отворена Порта (Ла Страда), Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници и Коалиција сите за правично судење.

Форумот се организираше со цел отварање на поширока дискусија и дефинирање на препораки за унапредување на постоечките закони на ова поле, како и подобрување на постапувањето на институциите кои се вклучени во системот на заштита, како што се судовите, основни јавни обвинителства, центри за социјална работа, полиција.  За таа намена, на учесниците на форумот им беа презентирани главните наоди од анализата на законската рамка и институционалното постапување кон насилството врз жените, како и анализата од двегодишното судско набљудување на судски предмети поврзани со семејно насилство, трговија со жени и сексуално насилство. Утврдените недостатоци на ниво на законско регулирање, односно на ниво на индивидуално постапување на релевантните министерства и институции беа детално дискутирани од страна на судиите и останатите професионалци кои работат со жените жртви на насилство и беа предложени конкретни препораки за нивно надминување.

По завршувањето на форумот препораките ќе бидат финализирани и ќе бидат доставени до релевантните министерства за натамошно усвојување. Значајно е да се напомене дека Проектот на УСАИД за правна заштита на жените промовира пристап кој значи вклучување на практичарите во процесите на донесување на одлуки, односно судиите и другите стручни лица од институциите имаат можност директно да се вклучат во процесите на менување и дополнување на постоечката законска рамка за заштита на женските човекови права.

Проектот на УСАИД за правно јакнење на жените го реализира Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –  ЕСЕ во соработка со Отворена Порта – ЛА Страда и Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници. Основна цел на овој проект е подигнување на степенот на правна заштита за жените жртви на насилство. Во рамките на овој проект се работи на подобрување на судското постапување во предметите поврзани со насилство врз жените, унапредување на законската рамка за заштита на жртвите на насилство и јакнење на капацитетите на граѓанските организации кои обезбедуваат правна помош за жените жртвите на насилство.


Работилница за Развивање на комуникациска стратегија за проектот „Социјална отчетност за родова еднаквост“

Како дел од подготвителната фаза во имплементацијата на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” поддржан од Европската унија во рамките на програмата IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015, на 13 јуни, 2017 година, Здружението ЕСЕ и партнерската организација Акција Здруженска учествуваа на Работилница за Развивање на комуникациска стратегија за проектот.


Одржана обука за параправници 9-11 јуни, Велес

Во рамки на активностите за “Стандардизирање и одржливост на обезбедувањето на различни видови на бесплатна правна помош”, ЕСЕ со поддршка на ФООМ како дел од активностите за Shared Framework on Legal Empowerment за 2017 година организираше обука за параправници. На обуката беа поканети сите параправниви кои во рамки на различни организации во обезбедуваат ваков вид на помош и поддршка на своите целни групи-ранливи категории на граѓани. Обуката се одржа во периодот 9-11 јуни во хотел Романтик, Велес и на неа присуствуваа 35 параправници од шест различни граѓански организации. Обуката имаше за цел да ги запознае параправниците со повеќе теми и прашања.  На обуката се зборуваше за основната поделба на власт и изворите на право; постапувањето на полицијата, јавното обвинителство и судот во кривичната постапка; граѓанските постапки во спорови кои се однесуваат на  семејното и наследното право; препознавање на семејното насилство, како еден од видовите на насилство и начини на заштита од овој вид на насилство. Обуката ја одржаа судијата кривичар во пензија Стојан Михов, адвокатката Наташа Бошкова и граѓанската активистка и волонтерката на Националната СОС линија за семејно насилство, Дивна Змејковска. Оваа обука претставува дел од низа обуки кои имаат за цел зајакнување на капацитетите и вештините на параправниците со цел обезбедување на сеопфатна, потполна и ефективна помош и поддршка на лицата кои им се обраќаат за помош.


Посета на локални граѓански организации во рамки на ЕУ проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост”

Како дел од подготвителната фаза во имплементацијата на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” поддржан од Европската унија во рамките на програмата IPA Civil Society Facility and Media Programme 2015, на 05 и 06 јуни, 2017 година, Здружението ЕСЕ и партнерската организација Акција Здруженска посетија пет организации од Куманово, Св. Николе и Битола. Со посeтите имавме за цел да ги запознаеме граѓанските организации со проектот и активностите предвидени со истиот, како и да го оцениме нивниот интерес за вклучување во нивната реализацијата. Во рамки на оваа активност беа посетени НВО Мајка од Куманово, Граѓанска Иницијатива на Жените од Свети Николе, НВО Сфера од Битола, НВО МКЦ од Битола и НВО Клеа од Битола.


Соопштенија од Здружението ЕСЕ по повод 8ми март-Меѓународниот ден на жената

Соопштенија од Здружението ЕСЕ по повод 8ми март, Меѓународниот ден на жената, во однос на детектираните состојби за Пристап до правда за жртви на семејно насилство и Пристап до здравствените услуги за женско и репродуктивно здравје.


Информација за медиуми по повод Светскиот ден за борба против карциномот, 04 февруари 2017 година

„Владата ги намалува средствата за рано откривање на рак на грло на матка во период кога се бележи зголемена смртност од ова заболување

Една од целите на кампањата за Светскиот ден за борба против карциномот во 2017 година е обезбедување на универзален пристап до здравствените услуги, поврзани со карциномот а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат здравствените услуги за рано откривање на карциномот. Имено според Светската декларација за карцином, секоја држава треба да обезбеди универзален пристап за населението до скрининг методите за рана детекција на карциномите, вклучувајќи го и карциномот на ракот на грлото на матката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност од карциномите.

Смртноста од ракот на грлото на матката во Р. Македонија бележи пораст во периодот од 2011 до 2014 година. Имено во 2011 година стапката на смртноста изнесува 1,5 на 100.000 жени, додека во 2014 изнесува 4,1 на 100.000 жени, и покрај тоа што овој вид на карцином може навремено да се открие и излекува.

Покрај оваа состојба, и спротивно на препораките дадени на Светскиот ден Владата на Р. Македонија го намали буџетот за Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка[1] за 2017 година  за 2.950.000 денари во споредба со Програмата за 2016 година. Ова намалување се должи на намалениот предвиден опфат на жени со оваа Програма во 2017 година. Имено со Програмата за 2017 година се предвидува намалување на бројот на жени кои ќе бидат поканети на организиран скрининг за 15.000 жени (од 35.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година), потоа намалување на бројот на жени на кои ќе им биде направен ПАП тест за 10.000 жени (од 30.000 жени во 2016 на 20.000 жени во 2017 година). Исто така се намалува и предвидениот број на бесплатни цитолошки анализи на земените ПАП тестови за 10.000 (од 30.000 анализи во 2016 на 20.000 анализи во 2017 година). Предвидениот опфат на жени е помал од 5% од целната популација на жени.

Во 2015 година со Програмата за рано откривање на ракот на грлото на матката биле опфатени 29.887 жени (извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија), што значи дека Владата во 2017 година планира со скрининг да опфати 10.000 жени помалку од постигнатиот опфат во 2015 година.

Организираниот скрининг на рак на грло на матка игра клучна улога во  намалувањето на смртноста од ова заболување. Намалувањето на средствата и планираниот опфат на жени со Програмата ќе води кон понатамошен пораст на смртноста од ова заболување.

Поради тоа бараме од Министерството за здравство и Владата на Р. Македонија да го зголемат планираниот опфат на жени со Програмата за скрининг на рак на грло на матка за 2017 на најмалку 20% од целната популација на жени и да го зголемат планираниот буџет за истата програма. Р. Македонија треба да цели кон постигнување на опфат на најмалку 70% од жените на возраст од 24 до 60 години во наредните пет години со оваа Програма.

За повеќе информации во однос на детектираните проблеми и конкретните предлог мерки за унапредување на спроведување на Програмите за скрининг можете да најдете во документите кои Ви ги испраќаме во прилог.

За Светскиот ден за борба против карциномот

Светскиот ден за борба против карциномот  претставува глобален настан кој се одвива секоја година на 04 февруари и ја обединува светската популација во борбата против карциномот.

Главната цел на овој настан е да се спречат милиони смртни случаи секоја година преку подигнување на свесноста и едукација за болеста, преку наметнување притисок врз владите и поединците ширум светот да ги преземат потребните акции.

Светскиот ден за борба против карциномот во периодот 2016 – 2018 година се спроведува под слоганoт “Ние можеме, јас можам” и повикува на активно вклучување на поединците, заедницата, и надлежните институции со цел превенција и намалување на последиците од појавата на карциномите. Кампањата се фокусира на информирање и едукација за зголемена свесноста за превенција од карцином; обезбедување на соодветен пристап до здравствените услуги; обезбедување здрава животна средина; и повикува на унапредување на  политиките по однос на ова прашање.

Официјална интернет страна на Светскиот ден за борба против карциномот  http://www.worldcancerday.org/    

Лице за контакт:

Борјан Павловски

Координатор на програма Јавно здравје и здравје на жените

Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ

ул. Максим Горки  20/1-4,  1000  Скопје,  Република Македонија

тел:   (0) 2  3298 713

(0) 2  3298 295 / лок. 102

e-mail: bpavlovski@esem.org.mk


[1] Програмата за организиран скрининг на карцином на грло на матка е една од компонентите на Програмата за рана детекција на малигни заболувања која на годишно ниво се усвојува од страна на Владата на РМ, а се спроведува од страна на Министерството за здравство. Програмата за 2017 година е објавена во Службен весник на РМ број 192/2016.


Состојби и проблеми по однос на заштита на правата на пациентите и здравствената заштита на жените во Р. Македонија

Гостување на Координаторот на програмата за јавно здравје и здравје на жените во емисијата „Огледало на здравјето“ на телевизијата АлсатМ. Тема на емисијата се состојбите и детектираните проблеми по однос на заштитата на правата на пациентите и здравствената заштита за  унапредување на женското здравје во Р. Македонија.


Работилница за буџетско застапување и примена на методологијата за мониторинг и анализа на буџети на програмите за намалување на штети од користење на дроги

Целта на работилницата беше претставници на секретаријатот на Евроазиската мрежа за намалување на штети кои работата со организации од Молдавија, Литванија, Грузија, Белорусија, Казахстан и Таџикистан  кои спроведуваат програми за намалување на штети, да се запознаат со методологијата на мониторинг и анализа на буџети со цел истата да ја применат во својата работа за обезбедување на одржливост на овие програми по завршувањето на финансирањето на истите од страна на Глобалниот фонд. На работилницата учествуваше еден претставник од Здружение ЕСЕ, при што беше претставен теоретскиот концепт за примена на методологијата на мониторинг и анализа на буџети и застапување базирано на истата, а воедно беа споделени искуствата од работата на ЕСЕ на ова поле.  Работилницата се одржа од 21 до 22 јануари, 2017 година во Вилнус, Литванија. Оваа работилница е почетна работилница од низата на активности кои ЕСЕ ќе ги спроведува во соработка со Евроазиската мрежа за намалување на штети на полето на применета буџетска работа и буџетско застапување.